Домашен мармалад од кајсии, по рецепт на мајка ми – направивме 5 тегли во еден ден, во стан
Кога бевме помали, баба ми го правеше најубавиот мармалад од кајсии, а сега мајка ми го направи во домашни услови исто толку вкусен – од 6kg кајсии, во обично тенџере, излегоа скоро 5 тегли кои ќе се изедат со сласт, а се прави многу брзо и лесно.

Во денешно време многу е поголем изборот на купечки мармалади, но како што е домашниот од кајсии, речиси и да не постои во маркет.
Откако ми излезе видео за домашен џем, мајка ми набрзина испазари и во домашни услови во стан, на обична рингла и со тенџериња од секојдневието, направи неколку тегли.
Се прави многу брзо и лесно, не ви се потребни никакви посебни препарати, за да си направите неколку тегли во кои ќе ужива цело семејство.

На нас од 6kg кајсии (излупени и исчистени од семка), ни излегоа 4 големи тегли и една малечка.
Во продолжение погледнете го рецептот, кој по ваша желба може и да се модифицира.
Потребни состојки:
- 6kg кајсии
- 3 ќесички ванилин шеќер
- 800-1000g шеќер (по вкус и во зависност од тоа колку се благи кајсиите)
- ½ лимон, исцеден
Начин на подготовка:
- Кајсиите може да се излупат, но и не мора (нашите се лупени). Потоа се вадат семките од кајсиите (и се добиваат околу 5kg исчистени кајсии). По желба семките може да се исушат, да се скршат и да се јадат.
- Исчистените кајсии се ставаат во тенџере (може да се поделат во две ако не ги собира во едно) и се оставаат неколку часа да отстојат и да испуштат течност.
- Потоа само во својата течност се ставаат да се варат околу 30 минути на појака температура, со повремено мешање, а пената која излегува на површина може да ја вадите со лажица.
- Тргнете го тенџерето од оган и доколку има останато големи парчиња, може со рачен миксер малку да го измиксирате за смесата да се измазни.
- Потоа се враќа на рингла, но се намалува температурата на потивко за да не загорат и се оставаат уште 10-15 минути да се варат, со повремено мешање.
- На крај во рерна на 60°С се ставаат теглите со отворени капачиња да се загреат и во нив ставете го мармаладот и цврсто затворете.
- Во меѓувреме препорачливо е да си направите и палачинки и да го пробате мармаладот уште додека е топол и целиот дом мириса на кајсии.




©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело