Теодора од Скопје беше во Дубаи со мало дете и бебе: „Ме плашеше летот со 2-месечно бебе, Дубаи е рај за деца“
- Детали
- сабота, 17 мај 2025
„Нашата мала тајна за лесно патување со деца е - ноќни летови. Секогаш кога патуваме на подолги дестинации, се трудиме да избереме термини кога природно ќе им дојде време за спиење. Така и овој пат, летот беше навечер, што се покажа совршено“, ја започнува својата приказна за престојот од 20 дена во Дубаи со деца Теодора од Скопје, UI/UX дизајнер.
Теодора (29) e мајка на две момчиња, Давид (3 и пол години) и бебето Дарин (3 месеци), која успешно балансира меѓу семејниот живот и професионалната страст.
По професија е UI/UX дизајнер, а покрај тоа е и сопственик на мал бизнис посветен на внимателно одбрани детски играчки.
Теодора верува во значењето на креативната игра и квалитетното време со децата – инспирација која ја носи и низ секојдневието и низ патувањата кои ги обожава со своето семејство.
Патувањата се нивната најголема мотивација и извор на идеи, и токму тие ја водат напред и како мајка и како креативец.
Теодора за CRNOBELO.com споделува детали за нивното патување во Дубаи:
Што ве поттикна да го одберете Дубаи како дестинација за семејно патување и колку време престојувавте таму?
Одлуката за Дубаи дојде речиси природно.
Ова ми беше веќе четврто патување таму, а трето заедно со децата.
Дубаи е едно од оние места каде што едноставно сакаш повторно да се вратиш. Безбедноста, чистотата, гостопримливоста, разновидноста на содржини - сето тоа го прави идеална дестинација и за мирен семеен одмор и за поактивна авантура.
Имаме некоја негласна желба или можеби веќе и традиција еднаш годишно или барем секоја втора година да му се навратиме.
Овојпат останавме подолго, цели 20 дена. Првата половина беше посветена на релаксација покрај плажа, додека во втората веќе го засиливме темпото со активности, истражување и забавни семејни моменти.
Тоа е убавината на Дубаи - секогаш може да го обликуваш одморот според тоа што ти треба во тој момент.
Колку месеци имаше помалото дете, односно бебето, кога патувавте и како го поднесе летот?
Кога патувавме, Дарин имаше точно 2 месеци. Искрено, имавме големи резерви дали е вистински момент за патување со толку мало бебе - особено бидејќи сè уште имаше грчеви и беше во типичната фаза на новороденче.
Бевме спремни на многу плачки. Но, Дарин супер нè изненади - во најпозитивна смисла!
Рутата ни беше Скопје – Истанбул – Дубаи со FlyDubai, со совршена конекција – немавме ни 5 минути пауза меѓу летовите, буквално мораше да трчаме.
Но, Дарин не ни почувствува ништо од таа брзина - летовите ги преспа цели.
Се будеше само да цица и веднаш повторно заспиваше. Летот од Истанбул до Дубаи трае околу 5 часа, но за него тоа беа 5 часа спокој.
Што беше клучно за децата да бидат мирни при авионскиот лет?
Нашата мала тајна за лесно патување со деца е - ноќни летови.
Секогаш кога патуваме на подолги дестинации, се трудиме да избереме термини кога природно ќе им дојде време за спиење. Така и овојпат – летот беше навечер, што се покажа совршено.
Давид, нашиот постар син, беше воодушевен од самото искуство. Возбудата му беше огромна.
Сам сакаше да се врзе, да седи покрај прозорец, да го доживее авионското возење.
Но по 30-тина минути, кога првичната возбуда стивна, сам побара да се спреми за спиење.
Не носевме ни играчки, ни други реквизити. И тоа се покажа како полн погодок.
И Давид, и бебето Дарин, спиеја речиси цел лет. Искрено, не очекувавме вака лесно да помине, но навистина беше беспрекорно и мирно искуство.
Што сè спакувавте за бебето и што ви фалеше кога пристигнавте?
За Дарин спакувавме сè што секојдневно го користиме дома – ништо повеќе, ништо помалку, а тоа е облеката.
Бидејќи патувавме во топла дестинација, фокусот беше на лесна, летна облека, однапред комбинирана по денови – тоа ми е секогаш тактика за да не носам непотребни работи.
Во багажот беа и стандардната козметика што ја користам за него, плус дневните витамини.
Пелени носевме само за првите два дена, знаевме дека таму лесно ќе најдеме сè што ни треба. Купувавме редовно од локални маркети или аптеки без никаков проблем.
Искрено, ништо не ни фалеше. Кога однапред се размислува и се планира според реалните дневни потреби, дури и патување со бебе може да биде лесно и удобно.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





