Ќерка и татко од Македонија беа 3 месеци на пат: „Беше авантура со автомобил, стигнавме до Канарските Острови“
Во ова патување низ Costa Blanca времето беше нашиот најголем сојузник. Токму тие седум дена во секој град ни дозволија да разбереме дека вистинското патување не е во брзање, туку во задржувањето.

Од живоста на Бенидорм, преку тивката елеганција на Алтеа, до суровата искреност на Калпе - секое место ни подари свој ритам, свој вкус и свое сеќавање.

Од Costa blanca патот нè одведе подлабоко на југ, во Costa del Sol, каде нè пречека Беналмадена како тивко ветување што полека се исполнува.

Она што најмногу ме погоди во Беналмадена беше нејзината рамнотежа.
Од една страна - живото пристаниште Puerto Marina, полно со боја, движење и луѓе од целиот свет. Од друга - мирните делови на градот, каде што вечерите се тивки.

Следуваше Малага (Costa del Sol), каде првпат навистина ја почувствував тежината и длабочината на андалузиската кујна.

Во еден традиционален ресторан јадевме rabo de toro, односно опаш од бик. Тоа не беше оброк, туку искуство.
По Малага стигнавме во Марбеља - град препознатлив по луксузот и елеганцијата. Тука се мириса на луксуз - јахти, палми, елегантни ресторани и чувство дека животот се живее со стил.

Старото градско јадро носи шарм, но Марбеља пред сè е гламур. Прошетките покрај марината, убаво облечени луге, вечерни светла - место каде што Шпанија покажува една поинаква, пософистицирана страна.

Потоа, Нерја – андалузиска нежност, тивка и романтична.
Нерја е поезија. Мал град во Андалузија со погледи што ти го земаат здивот.
Balcon de Europa ми го одзеде здивот- карпи, бескрајно синило и чувство дека си на раб меѓу копното и сонот.

Севиља е срцето на Андалузија. Град што не се посетува – се доживува.
Тука мора да одиш на фламенко. Мора. Звукот, движењата, страста – сè е вистинско.

Јадевме jamón ibérico, tortilla española и churros со чоколадо. Севиља е топлина, боја и емоција.
