Вирџинија од Скопје за соло-патувањето во Пуља: „Им дадов сместување на 2 девојки во неволја, се фоткав сама со статив“
Билетите секако беа купени, смештајот без можност за рефундација.
Изборот беше или да одам и да одморам или да останам и да ми е криво зошто не сум отишла.
И така, во рок од неколку часа, планираното фамилијарното патување се претвори во непланиран соло пат.


Дека ми е првпат да патувам соло, не ми е. На мои 20 години цел САД го прошетав сама.
Трипати одев на Work & Travel програмата како студент, и иако уште од првата година шетав сама, последната година отидов сосема сама, на различно место од првите 2 години, каде никој не знам.


Кога заврши делот со работа, решив цел месец да направам круг околу САД и да ги видам сите градови каде претходно не успеав да отидам - од Балтимор до Њу Орлеанс, преку Лас Вегас, Големиот кањон, Лос Анџелес, Сан Франциско, Чикаго, Филаделфија, по третпат во мојот омилен Њујорк. Мајами, Бостон, Вашингтон и уште неколку градови кои ми беа претходно видени.


И не само што тргнав сама, туку решив и да испробам Couchsurfing - платформа за патувачи каде наместо да спиеш во хотел/хостел, спиеш кај непознати луѓе со кои имате некакви заеднички интереси и кои се твои домаќини во градот.
Одличен начин да запознаеш нови луѓе, локалци, кои се среќни или да ти го покажат градот или да ти дадат совети кои само локалец може да ти ги даде.


Функционира слично на Booking, читаш references (препораки) наместо reviews (рецензии), праќаш барање за престој и образложение зошто сакаш баш кај неа/него да си сместена и што можеш ти да понудиш - патувачки приказни, да зготвиш храна од твојата земја, да ги научиш некоја вештина…
„Не си нормална!“, беше коментарот од другарките. Мајка ми, од другата страна од светот, свесна дека ако сум наумила нешто, нема начин да ме спречи само ми кажа „Знам дека си способна сама да се снајдеш, пази се, пиши ми име и адреса кај кого ќе спиеш, и ако има момент да се почувствуваш небезбедно, пакувај се и оди во хостел“.


Следните години, голем дел од Европа ги имам прошетано сама.
На сосема непознати места, каде никогаш претходно не сум била, каде не знам никој.


И секогаш кога сум тргнувала сама, сум се враќала со преубави спомени.
За жал, голем дел од луѓето кај нас на соло патувања уште гледаат малку чудно, делумно од безбедносен аспект, а делумно и затоа што не им е јасно што би правел некој сам на патување.


Уште пред десетина години кога ја шетав една година Шпанија па следната Португалија колега од работа кога разбра дека сама одам, ме сметаше за „луда“.
А еве 10 години подоцна, сè уште ги добивам истите коментари: „Браво за храброста! Јас никогаш не би...“ или „Не си нормална!“


