Вирџинија од Скопје за соло-патувањето во Пуља: „Им дадов сместување на 2 девојки во неволја, се фоткав сама со статив“
Реалноста е сосема поинаква - кога човек е сам, станува свесен за што се е способен, ги поместува границите на своите убедувања, развива способност да се снајде во секоја можна ситуација, има простор да ги среди мислите во глава без ничие влијание и некако станува поотворен и за луѓето и за моментите.


А каде подобро отколку на непознато место каде никој не познаваш?
Кога патуваш сам, полесно започнуваш разговори со непознати, а и на нив им е полесно да ти пријдат, полесно прифаќаш спонтани ситуации, а едни од најубавите спомени што ги имам од патувања се токму со луѓе што случајно сум ги запознала по пат.


Некои денес ми се блиски пријатели со кои сум уште во контакт, а некои ниту памтам како се викаат и веројатно никогаш повеќе нема да ги сретнам.
По природа сум огромен екстроверт, лесно се вкопувам и прилагодувам во кое било друштво, можам што се вика и каменот да го размуабетам (ха, ха), така што започнување разговор и стекнување нови пријателства никогаш не ми биле проблем.


И иако порано доста често патував сама, во последниве 5 години секогаш имав друштво.
Заборавив како е човек да остане сам со себе и да ужива во сопственото друштво и можеби ќе ми требаше подолго време да отидам повторно некаде сама да не се случеше сево ова спонтано.


Ама Универзумот некогаш има чудни начини да те извади од сопствената комфорт зона.
Секако одев на веќе добро позната дестинација - а јас сум човек што чим еднаш стапне во градот - го памти цел живот.


Ориентацијата ми е јака страна, меморијата уште појака, така што и по години уште се сеќавам на улиците низ градовите каде сум била или информации од типот кој автобус треба да го фатам за да стигнам до некаде.
И онака сите патувања сама си ги организирам (освен некои одредени летни дестинации како Турција, Египет, каде што не само што е полесно преку агенција, туку често и поефтино), така што не ми прави некоја разлика дали ќе тргнам сама или со некој посебно.


Знам дека дури и кога тргнувам сама, завршувам со минимум 10 нови познанства.
Денес постојат еден куп апликации кои поврзуваат соло патувачи и е многу полесно за наоѓање друштво доколку сакаш да искусиш активност за која се потребни минимум двајца, па човек е сам, само тогаш кога сам одлучува дека сака да биде сам.


