Наташа Малинкова за родниот град: „Како деца во Кавадарци ручавме на лозје и се возевме со кајчиња по Тиквешкото Езеро“
- Детали
- петок, 20 јуни 2025
„Кавадарци е мојот корен, мојата душа и град кој не би го заменила за ниту еден друг - ме научи како се сака сонцето, како се пие виното со насмевка, како се пее од срце и како се љуби животот“, вели Наташа Малинкова и за CRNOBELO.com ги споделува најубавите спомени поврзани со родниот град, каде живее и денес.

Пејачката Наташа Малинкова е родена во Кавадарци, а и денес живее таму со сопругот и двете ќерки Султана (22) и Емилија (12).
Таа вели дека Кавадарци е град со посебна убавина, има посебна магија, а луѓето што доаѓаат од други места не остануваат рамнодушни, напротив, секогаш се полни со убави импресии и желба да се вратат повторно.
Кавадарци изобилува со многу убавина и места кои вредат да бидат посетени.

Наташа за CRNOBELO.com раскажа кои се најубавите работи за Кавадарци, кои го прават градот посебен во нејзините очи:
„Мојот роден крај е местото каде се одгледува винова лоза, град на виното и ракијата.
Како деца често нè носеа на лозје, тоа беше еден интересен ритуал кога целото семејство, најблиските роднини, се собиравме рано изутрина за да се заврши побрзо бербата.

Низ редовите се пееше, се смеевме, раскажувавме разни случки.
Ручекот ни беше најсладок таму во природа. Едноставно ни минуваше денот без да почувствуваме тешкотија.

Многу спомени ми буди таканареченото „Полицајско паркче“, кое се наоѓа веднаш до нашата куќа. Тука доаѓаа деца и од другиот крај на градот, се дружевме и игравме разни игри.
Најомилената игра ни беше „сендвичарници“.
Собиравме листови од дрвја, паднати плодови, шишарки, цветови и слично и правевме од нив сендвичи.

На зима кога имаше многу снег, во нашето маало имаше најубава удолница на која се лизгавме со санки и импровизирани скии од искршени парчиња од ролетни.
Тиквешкото езеро, најголемата вештачка акумулација во нашата земја, изобилува со преубава природа и места за прошетка.
Таму поминав голем дел од моето детство за викенди и кратки одмори во лето.
Татко ми имаше викендичка на реката Блашница, а до таму се возевме два часа со кајче, се бањавме и на сред езеро додека патувавме со кајчето.
Ги посетувавме реките кои се вливаа во езерото, планинаревме и се храневме многу здраво со органска храна, која ја одгледуваа луѓето што живееја во околните куќи.
„Големиот Парк“, така си го викавме, е еден од најубавите паркови во мојот град.
Таму сме правеле пикник со друштво, сме пешачеле и џогирале, споменикот Костурницата во истиот парк, е споменик со голема историја, и кога ќе се искачите најгоре, има прекрасен видиковец каде се гледа целиот град.
