Габриела од Штип изработува 3Д печатени украси: „За подетални дизајни се потребни и над 10 часа“
- Детали
- среда, 08 октомври 2025
„Со сопругот сè работиме сами. Најпрво се создава 3Д моделот на компјутер, потоа се подготвува за печатење со специјален софтвер и се печати“, раскажува Габриела Спасевска од Штип, која со сопругот води мал бизнис за 3Д печатени украси.

Габриела Спасевска од Штип работи како продукт менаџер, а со нејзиниот сопруг водат мал бизнис за изработка на 3Д печатени украси.
3Д печатењето започнало како хоби, но се претворило во мал уникатен бизнис познат како Simple Design.
„Нашите дизајни се достапни на меѓународни платформи, каде што се барани и преземани ширум светот, а над 40 уникатни дизајни ја потврдуваат нашата оригиналност и креативност.
Горди сме на признанието 'Selected Designer' на Cults3D и пласирањето меѓу Топ 20 дизајни“, вели Габриела.
Таа додава и дека Simple Design ќе биде дел од годинешниот Саем на еко-бизниси во Скопје, на 8-ми и 9-ти ноември.
За CRNOBELO.com, Габриела открива детали за бизнисот и изработката на предмети со 3Д печатач:
Како започна вашиот мал бизнис?
Simple Design започна како хоби и голема страст кон креативноста и технологијата, развиено во нашето слободно време.
Зад идејата стоиме јас и мојот сопруг. Ние сме тим: тој е креативниот ум зад сите уникатни 3Д модели, додека јас се грижам за целата оперативна страна – маркетинг, комуникација со клиенти и логистика.
Сакавме да ја претвориме нашата љубов кон дизајнот во мали уметнички дела кои внесуваат модерна елеганција во домовите.
Колку чини еден 3Д принтер, а колку материјалите? Со какви материјали се печати и од каде ги набавувате?
Цената на 3Д принтерите може да варира, но ние инвестираме во напредни FDM принтери кои ја гарантираат прецизноста и квалитетот што го бараме.
Што се однесува до материјалите, примарно работиме со PLA (Polylactic acid). Тоа е најпопуларниот и еколошки најприфатливиот материјал – тој е биоразградлив и се добива од обновливи извори како пченкарен скроб.
Материјалите ги набавуваме од проверени добавувачи за да обезбедиме континуиран квалитет и да ја потврдиме нивната одржливост.
Дали сами ги печатите декорациите и дали сами ги правите 3Д моделите пред печатење? Како изгледа целиот процес? Колку трае?
Да, сè работиме сами – од идеја до финален производ. Најпрво се создава 3Д моделот на компјутер, потоа се подготвува за печатење со специјален софтвер и се печати на принтерот.
Времетраењето зависи од комплексноста – понекогаш еден помал дизајн трае 2-3 часа, а поголеми и подетални декорации можат да бараат и 10+ часа.
Дали работите по нарачки или имате готови продукти? Доколку некој сака да нарача нешто, што сè можете да направите? Има ли некакви ограничувања?
Примарно работиме со нашите сопствени, готови дизајни (кои се над 40) достапни за брза нарачка. Отворени сме за целосно нови, персонализирани нарачки – тие се можни по претходна консултација и подлежат на процена.
Најголемо ограничување ни е да се задржиме во рамките на естетиката на Simple Design – модерна, минималистичка елеганција.
Кој тип декорации се најпопуларни? А, за што има најмал интерес?
Нашата понуда е широка и вклучува категории како саксии и вазни, канцелариски материјали, додатоци за домот и сезонски декорации. Најголем интерес има кај производите кои нудат уникатен дизајн со практична вредност.
Сезонските колекции се исто така многу барани. Најмал интерес има за оние предмети кои се премногу специјализирани или строго функционални.
Од каде црпите инспирација за ваши продукти?
Инспирацијата ја наоѓаме насекаде: во секојдневниот живот, природата, модата и уметноста. Често една мала форма или детал од обичен предмет знаат да прераснат во идеја за нов дизајн.
Не бараме трендови, туку безвременски форми и чисти линии за да внесеме модерна елеганција. Голем дел од идеите ни доаѓаат и од нашите клиенти, кои нè поттикнуваат да експериментираме со нови креативни решенија.
Кои се најголемите предизвици во вашата работа? Сте имале ли непријатни ситуации?
Најголемиот предизвик е времето и трпението што го бара 3Д печатењето. Најнепријатната ситуација е кога производот што е во изработка ќе се прекине пред да заврши.
Тоа значи дека целиот вложен труд и материјал мора да се отфрлат и да се почне одново. Токму тоа нè научи на истрајност и смиреност.
Инаку, имаме голема среќа со клиентите кои ја разбираат и ценат нашата работа, па вистински непријатности не сме имале, туку само технолошки предизвици.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Софија Спирова | Црнобело