Неда Маленков од Охрид, специјализант по радиологија, е трета докторска генерација во своето семејство
„Мојата визија е по завршување на специјализацијата да продолжам да работам во Македонија како радиолог и да придонесувам за развојот на модерна и ефикасна здравствена дијагностика.
Интервентната радиологија е поле што ме фасцинира – динамична, прецизна и постојано напредна.
Сакам да се усовршувам во таа насока и да ги применам најсовремените методи и технологии кај нас и во светот“, истакнува Неда.

Иако најголемиот дел од времето го посветува на медицината, Неда секогаш се стреми да негува и други интереси.

Завршила основно музичко образование по пијано, што го смета за плус-доблест во својот личен развој, бидејќи ѝ помогнало да изгради дисциплина, креативност и чувство за хармонија – вредности кои ги пренесува и во професионалниот живот.
Патувањето, пак, е нејзина голема пасија. Било приватно или професионално, секое патување за неа е нова лекција.

„Секое патување носи нови култури, нови луѓе и нови перспективи. Тоа е начин да се инспирирам и да ја надградам својата животна приказна“.
Освен патувањата, ужива и во откривање на нови вкусови. Најмногу ја привлекува морската храна — риба и морски плодови, кои секогаш ја потсетуваат на летото и на чувството на слобода покрај море.

Особено ужива во вкусот на охридската риба, која за неа претставува спој на традиција, свежина и спомени од родниот град. За неа, добар оброк со риба е совршен начин да се опушти и да наполни енергија по напорен ден.

Активното вежбање во теретана, дружењето со пријателите и времето поминато со семејството се дел од балансот што го негува.
