Неда Маленков од Охрид, специјализант по радиологија, е трета докторска генерација во своето семејство
- Детали
- петок, 31 октомври 2025
„Потекнувам од докторска фамилија, и дедо ми и татко ми беа доктори, па тоа беше клучен поттик мојот избор - радиологијата, поле што бара не само знаење и посветеност, туку и срце“, вели 27-годишната Неда Маленков за CRNOBELO.com.

Неда е лиценциран доктор и специјализант по радиологија на УКИМ во Скопје. Вели дека секојдневието ѝ е исполнето со учење, усовршување и практична работа, а радиологијата ја гледа како поле кое комбинира наука, технологија и клиничко знаење, давајќи ѝ уникатна можност да придонесе кон здравјето на пациентите.

„Медицина значи постојано усовршување. Преку конгреси, размена на искуства и научни трудови имам можност да учам од врвни експерти и да ја развивам својата кариера. Тоа е пат исполнет со предизвици, но и со голема мотивација“, вели таа.

Изборот за медицината како професија, пак, не бил случаен. Неда потекнува од докторска фамилија, што било клучен поттик во нејзината одлука.

Неда е трета генерација доктор во семејството, после дедо ѝ, и татко ѝ. Уште од дете, полна со емпатија, решила да ја посвети својата кариера на тоа да им помага луѓето.

Во своето професионално патување, Неда учествувала на бројни меѓународни конгреси, летни школи и симпозиуми, каде што го надградувала своето знаење и искуство.
Првата можност за професионална размена ја добила во Русија, летото 2022 година – проект што, иако успешно прифатен, не се реализирал поради познати причини. Сепак, тоа не ја обесхрабрило.

Наскоро следела нова можност – размена во Истанбул, Турција, која Неда ја опишува како пресвртно искуство.
„Таквите програми се вистинска школа за живот – преку нив не само што учиш нови методи, туку и растеш како човек“, споделува таа.
