Ања Јолакоска, девојката што инспирира генерации танчари: „Нема невозможно кога нешто сакаш доволно силно“
- Детали
- вторник, 04 ноември 2025
За неа на социјалните мрежи ќе видите безброј пофални зборови. Впечатокот, иако не ја познаваме лично, е дека Ања Јолакоска е вистинска инспирација и мотивација за безброј деца и млади во земјава кои се љубители на танцот.

Минатата недела со нејзиното авторско дело „You against you“ нашите танчари од Eureka Dance Company станаа светски шампиони на првенството кое се одржа во Љубљана, Словенија.
„Ања е многу повеќе од тренер, таа е огромна поддршка и инспирација. Со своите само 20 години е одличен педагог, има мудрост и срце како да е цел живот посветена на децата и танцот. Ендемски вид е, ама со гордост можам да кажам дека е наша и единствена“ - вели мајката на Евгенија, девојче кое редовно тренира со Ања.
Со Ања поразговаравме на кратко за неа, нејзината мотивација, инспирација и идни планови:

Како Ања се опишува себеси:
Имам 20 години, но во душата - засекогаш дете. Штета би било да кажам дека сум дел од Еурека, Еурека е дел од мене повеќе. Тоа е мој… веќе можам да кажам и прв дом…… таа е семејството со кое пораснав, созреав, плачев, се смеев, уживав, учев, работев, со Еурека живеам.
Како започна твојата танцова приказна, кога за првпат се роди љубовта кон танцот?
Мојата бајка со танцот започна кога имав само три години. Искрено, не ни знам како — веројатно беше љубов на прв поглед.

И денес, по сите овие години, секојдневно повторно се заљубувам во танцот. Станувањето инструктор дојде природно. На 16 години си го поставив прашањето: „Што би сакала малата Ања да чуе?“ — и ова до ден денес е она кое ме води низ процесот.
Со која возраст на деца и млади работиш? Кои се најважните карактеристики кои ги имаш а кои помагаат тие да бидат мотивирани постојано и да редите успеси?
Работам со многу генерации од 7-20 години, секоја генерација е приказна за себе, среќна сум што ги имам поминато сите точки кои ги мачат малите глави на децата и се соживувам со нив за да успеам да ги решам. Упорноста е клучен момент, никогаш не се откажувам од тоа да го извадам најдоброто од секој ученик.

Како изгледаше подготовката за првенството во Љубљана? Колкава е жртвата на целиот тим? Кој беше најголемиот предизвик?
Со еден збор-турбулентно. Повеќе од 8 часа дневно, секој ден, 3 месеци, и сите оние години работа зад нас.
Продукцијата на сите ни беше најголем предизвик, идејата ја носам многу одамна, кога веќе конечно решив да ја реализирам, највеќе енергија дадовме во нејзе. Некако, ми беше од срце.
Како се справуваш со притисокот и очекувањата од себе, од публиката од тимот?
Во ред е да се одговори дека, од сите работи најтешко со тоа се справувам? Притисокот од самата себе. Лесно ми е да ги мотивирам учениците, но тешко е да се послушам самата себе.
Очекувања од себе немам, но знаејќи дека публиката има е малку страшна помисла. Од период во период влијае различно, но нормално е, важно е да разбереме дека најголемата битка е против самиот себе и да работиме на тоа постојано.
