Да ја сочуваме традицијата: Млади македонски иселеници во Австрија го претставуваат македонскиот фолклор и надвор од нашата држава
- Детали
- среда, 19 ноември 2025
„Срцето ни пее и душата ни игра кога се спремаме за секој нов настап, а и на секоја проба, секако“, ни раскажува Славица Илиевска Мијалов, која доаѓа од Радовиш, но веќе 10 години работи и живее во Кремсмунстер, Австрија.

Уште како дете, во основно училиште, била дел од Фолклорното Културно Друштво „Бучим“ од Радовиш, и сега, после толку години, повторно ја пронашла токму овде таа иста љубов спрема македонското културно наследство. Скоро неполна година таа е член на Македонското Фолклорно Друштво „Св. Кирил и Методиј – Линц“.
„Огромна чест ни претставува, како на мене, сигурна сум и на сите други членови од нашето фолклорно друштво, што и покрај тоа што сме надвор од нашата татковина Македонија, гордо и во најсилно светло се трудиме да ја претставуваме и продолжуваме македонската традиција“, ни раскажува Славица.

Од кога постои Македонското Фолклорно друштво во Линц?
Македонското Фолклорно друштво во Линц мислам дека е основано пред некои 3 или 4 години, но сега, во последната година, почна да оди во нагорна линија. Започна со збогатување со нови членови, реализирани се повеќе настапи, обезбедени се носии за секој од членовите, и, што е најбитно за нас како Фолклорно друштво, од особена чест ни е добивањето покани за гостување кај соседните друштва од Србија, Хрватска, Словенија…
Сето тоа се должи на залагањата и големата одговорност на одборот на истиот клуб „Македонско Културно Друштво Св. Кирил и Методиј – Линц“, зад кого стојат вистинските луѓе.
Колку членови брои вашето фолклорно друштво?
Нашата фолклорна фамилија брои три групи. Најмалата, детската група, брои околу 25 членови, деца на возраст од 5 до 12 години. Втората група се младинците, околу 25 млади на возраст од 15 до 20 години. Последната е женската група, која брои 12 млади жени.

Морам со важност да напоменам дека се радуваме на големата заинтересираност и големиот одзив на малите деца и младинците, и желбата токму тие да станат млади фолклорци и да научат дел од нашите традиционални вредности.
Кој ве спрема за настапи, со кого ги работите кореографиите?
Настапите ги спремаме со нашиот кореограф Мартин Марков, искусен фолклорец и кореограф кој многу добро ја познава и позитивно ја пренесува фолклорната традиција на сите нас. За максималното вложување, трудот и посветеноста зборуваат успешните настапи, како музички така и визуелно, бидејќи тој макотрпно работи со сите три групи.

Последната половина година имавме настапи во Швајцарија, Словенија, Македонија и во други делови од Австрија. Оваа година, во мај, бевме домаќини на Манифестацијата „Фолклорна Везилка“ во Линц, каде учествуваа повеќе фолклорни групи. Овој викенд ни претстои гостување во Виена, каде ќе настапиме со сите три групи.
Се уште растеме, се уште се надоградуваме. Она што е најбитно е дека сите членови шириме позитивни вибрации, имаме супер комуникација и се трудиме секој нов проект, секое ново оро да го изнесеме со точни фолклорни движења, уметнички финеси и впечатлива визуелност. Палетата на ора сѐ уште не е многу голема, но со љубов, истрајност и дисциплинирано вложување, мислам дека ќе продолжиме да стануваме се подобри.

Какво е чувството кога настапувате пред публика и тоа во друга држава?
Прво, одговорноста е голема, многу голема, бидејќи сите погледи се вперени кон нас. Постои трема – позитивна трема – додека да излеземе на бина, но кога започнува музиката, го наоѓаме вистинскиот ритам. Благодарение на Господ, како ново фолклорно друштво кое неодамна започна, задоволни сме со тоа како луѓето позитивно нè гледаат и коментираат.

Морам да издвојам еден коментар од личност која го коментираше младинскиот настап во Линц, каде бевме гости на културното друштво „Млава“: „Jaooo ovi Makedonci nisu normalni, šta su uradili rasturili su nas“ 🤣 – тоа беше убаво да се слушне, да знаеш дека луѓето со восхит те доживуваат.
Што претставува за тебе фолклорот, што би порачала на луѓето кои имаат желба и љубов спрема него?
За мене, фолклорот е еден аманет, едно културно наследно богатство кое лично ми е чест да го покажуваме и презентираме низ целиот свет. Особена чест ни е облекувањето на автентичната македонска носија која ја претставува материјалната, вековна традиција на Македонија.

Ако го пренесуваме од генерација на генерација, тогаш и ќе постоиме. Колку помалку културно наследство оставиме за следните генерации, толку повеќе ќе осиромашуваме, како традиционално, така и духовно. Да ја сочуваме и продолжиме традицијата преку ора и песни, иако сме иселеници.
фото: приватна архива