Круме Спасовски ја напушти Германија по 1 година живот таму: „Сопругата извика ‘Фала ти Господе’ кога кажав дека се враќаме“
Дали ќерката одеше во градинка/на училиште? Ако да, какви беа условите таму?
Во врска со образованието немам искуство, но со градинка - да. И таму, исто како и во Македонија, многу тешко се добива место за дете во градинка.
Аплициравме на околу 40 места и повторно не нè повикаа во ниту една.
Во тој период, еден пријател од Прилеп, на кого ќе му бидам благодарен цел живот, ми помогна многу.
За него тоа можеби беа само 10 минути време, но за мене значеше премногу. Благодарение на него успеавме да ја запишеме нашата ќерка во градинка.
Воспитувачките беа навистина добри и немам ништо лошо да кажам за нив.

За среќа, имаше и воспитувачка Србинка со која можевме да се разбереме.
Но за детето, стресот беше огромен. Таа не го знаеше јазикот, а сите деца зборуваа само германски.
Да беше англиски, сигурен сум дека многу побрзо ќе се адаптираше, но со германскиот јазик тоа беше многу тешко.
Секој ден јас ја земав ќерка ми од градинка и кога ќе ме видеше, почнуваше да плаче и на глас го искажуваше сето она што го држела во себе цел ден.
Во тие моменти срцето ми се распаѓаше. Солзите ги криев, а воздух не можев да земам од тага.
Постојано си го поставував истото прашање - зошто ова го правам на моето дете? Колку и да е мало, сè разбира и сè останува некаде длабоко во паметењето.
Додека го пишувам ова, и сега ми доаѓаат солзи. Искрено, не сакам веќе ни да се потсетувам на тој момент.

Имаш ли пријатели Германци, или повеќе се дружеше со Македонци?
Повеќе се дружевме со луѓе од Балканот. Германците најчесто се дружат меѓу себе, а ние дополнително не го познававме јазикот, што уште повеќе ја отежнуваше комуникацијата.
Контактите со Балканци постоеја, но и тие беа минимални, бидејќи секој беше фокусиран на работа и свои обврски.

Што е тоа што го има кај нас, а го нема во Германија?
Она што го има кај нас, а го нема во Германија, е чувството дека си на свое. Тука сè ни е познато - луѓето, јазикот, менталитетот.
Колку и да не функционира системот совршено, сепак, ова е наша земја.
Тука чувствуваме топлина, разбирање и сигурност, затоа што секогаш знаеме дека можеме да се потпреме на некого.

Сега кога се врати, дали веќе имаш работа или допрва ќе бараш?
Веќе сме во Македонија и живееме во нашиот стан во Скопје.
Јас веднаш продолжив да работам во мојата професија, односно со автомобили, што е работа со која се занимавам целиот мој живот.

И конечно - дали си среќен што си дома?
Да, искрено сум среќен што сум дома. Тука се чувствувам спокојно, опкружен со своите, во средина што ми е позната и блиска.
Без разлика на предизвиците, чувството дека си на свое место, со семејството и меѓу своите луѓе, за мене е најголемата среќа и нешто што нема цена.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело