Круме Спасовски ја напушти Германија по 1 година живот таму: „Сопругата извика ‘Фала ти Господе’ кога кажав дека се враќаме“
- Детали
- недела, 28 декември 2025
„И таму тешко се добива место во градинка. Аплициравме на околу 40 места, a не нè повикаа во ниту еднo. Благодарение на пријател од Прилеп успеавме да ја запишеме ќерката, но стресот беше огромен. Не го знаеше јазикот, а децата зборуваа само германски. Јас ја земав од градинка и кога ќе ме видеше, почнуваше да плаче. Срцето ми се распаѓаше и се прашував зошто го правам ова на моето дете?“, вели Круме од Куманово за CRNOBELO.com.

Круме Спасовски (32) од Куманово, брат на нашата модна креаторка Ива Спасовска, во трета година средно се преселил во Скопје за да го продолжи школувањето.
Тука ја запознал и неговата сопруга Јулијана, која е од Скопје, а тука живее и голем дел од неговото семејство.
И покрај тоа, во потрага по подобар живот, во 2024-та година со сопругата се преселиле во Германија.
По нешто повеќе од една година, решија да се вратат во родната земја и да го продолжат својот живот во Скопје.

Круме ни раскажа дека пораснал во работничко и претприемачко семејство. Долги години работел во семејниот бизнис со конфекција, односно производство и увоз на облека, на големо и мало.
Но, признава дека најголема љубов отсекогаш му биле автомобилите.
„Автомобилизмот е нешто со кое се занимавам практично целиот мој живот. Сè што е поврзано со автомобили е моја пасија, но и професија.
Иако денес веќе не сум активен во конфекцискиот бизнис, паралелно со него секогаш бев вклучен и во работа со автомобили, а денес тоа е мојата главна дејност“, вели тој за CRNOBELO.com.
Со сопругата имаат и 5-годишна ќерка, за која вели дека е „ангелче кое му е најголемата мотивација во животот“.

За ќерката, работата, животот во Германија и зошто решија да се вратат во татковината, ни раскажа во интервјуто:
Ти си еден од оние луѓе кои се преселија во Германија, но со семејството сепак се вративте назад. Која е причината што решивте да си дојдете дома во Македонија?
Германија е убава држава но само за Германците (мое искуство и мислење). Не сакам да зборувам во множина или за други, ќе зборувам за мене од лично мое искуство.
Јас Германија ја знам и одам од мои 7 години, ја знаев како убава земја затоа што секогаш кога сум одел на шетање со пари во џеб и на шопинг 7 дена, каде и да одам секаде е убаво така.
Но, кога се решив да живеам таму, веќе стана многу поразлично. Причината беше тоа што во Германија нема социјален живот, а и тој живот што го има, за мене не е доволен.
Се оди на работа и назад дома, тоа е секојдневието. Јас не викам дека и во Македонија не е така, но таму јас се осетив осамен.
Моите најблиски не беа до мене, одалечен од фамилија... Сите се зафатени со по две работи, одалечени од центарот на градот и сè е со термини, за едно кафе требаше да се договарам една недела однапред, јас така не сум научен.
Климатата не ми одговараше, премногу мрачно, врнежливо и екстремно студено, и сето ова беше една од поголемите причини зошто со сопругата решивме да се вратиме назад.

Дали ви требаше долго време да се одлучите да си дојдете дома, или некако на прва кога се спомна преселба - со сопругата си рековте: Тоа е тоа?
Искрено, јас последните 5 месеци потајно во себе мислев цело време на тоа, како да пресечам и да си заминеме дома.
Но, егото не ми дозволуваше да размислувам на глас, туку сè задржував во себе и верував дека ќе биде подобро и да останеме.
Еден ден после работа, додека со сопругата пиевме кафе и си раскажувавмет како ни поминал денот, јас одеднаш само на глас викнав: „Пакувајте се и се враќаме“! Толку од Германија.
И со солзи во очите, Јулијана на глас викна: „Оф, фала ти Господе, се враќаме назад“.

Според тебе - кои недостатоци во Германија беа пресудни за вашето враќање? Или победи носталгијата?
Недостатоци во Германија има многу и тие со тек на време стануваат сè поизразени.
Луѓето се ладни, дистанцирани, а целиот систем е направен за човекот да биде што е можно поскромен, да мисли само на работа и да се задоволува со малку.
Сè е сведено на обврски, правила и дисциплина, но без човечка топлина.
Во угостителските објекти чувството на гостопримство речиси и не постои, сообраќајот е премногу строг и казните се високи дури и за најбанални секојдневни грешки.
Институциите бараат огромна документација за наједноставни работи, што е збунувачки и исцрпувачки, особено за нас.
