Габриела и Радица од Скопје прават уникатни чоколадни десерти: „За некои покомплексни креации ни се потребни и по неколку дена“
- Детали
- петок, 13 февруари 2026
„Тешко е да се каже која креација ни е омилена, но би ги истакнале чоколадните букети, каде секој цвет го полниме со богато и вкусно полнење по желба на клиентите, како и чоколадните MAM ликови (Modern Abstract Minimalism)“, откриваат Габриела и Радица од Скопје кои стојат зад малиот бизнис за чоколадни десерти „Чоколадни Нешта“.

Габриела Митева (41) и Радица Бошњакоска (36) од Скопје стојат зад малиот бизнис „Чоколадни нешта“.
Тие создаваат уникатни чоколадни десерти, вклучувајќи персонализирани чоколадни креации кои не само што се вкусни, туку и изгледаат како мали уметнички дела.
Во интервју за CRNOBELO.com, Габриела и Радица ја споделуваат приказната за нивниот бизнис:
Како почнува приказната за „Чоколадни Нешта“, од каде ја добивте идејата? Кој стои зад малиот бизнис?
Се дружиме повеќе од една деценија и низ сите тие години, креативноста секогаш била наш заеднички јазик.
Често соработувавме на различни креативни работилници, а љубовта кон создавањето нè поврзуваше сè повеќе, не само професионално, туку и приватно.
Идејата се роди сосема природно, од уште една заедничка страст: чоколадото. Така, љубовта кон креацијата и љубовта кон чоколадото буквално ги стопивме во едно и ја создадовме нашата приказна, наречена Чоколадни Нешта.
Од каде црпите инспирација – дали правите само по нарачка или имате свои чоколадни креации?
Инспирацијата ни доаѓа од две страни – од желбите на клиентите и од нашата потреба да експериментираме.
Обожаваме персонализирани нарачки, бидејќи секоја носи своја приказна, но паралелно постојано си играме и со сопствените идеи.
Кога правите нешто ново, дали е поважен вкусот или изгледот или мора да ги искомбинирате и двете?
За нас вкусот и изгледот одат рака под рака. Чоколадото најпрво треба да ви „фати око“, а веднаш потоа и да ве освои со вкусот.
Вистинската магија се случува токму во тој баланс – кога убавото и вкусното се среќаваат на исто парче чоколадо.
Како изгледа процесот на изработка на вашите креации? Колку трае изработката на една нарачка?
Процесот на изработка зависи од самиот производ и од комплексноста на фигурите.
Некои нарачки се подготвуваат за неколку часа, додека покомплексните креации може да траат и неколку дена.
Бидејќи работиме со чоколадо и различни температури, секој чекор бара време и прецизност.