Габриела и Радица од Скопје прават уникатни чоколадни десерти: „За некои покомплексни креации ни се потребни и по неколку дена“
Како ви изгледа еден просечен работен ден?
Ниеден ден не ни личи на претходниот. Сè зависи од побарувачката – некогаш денот е исполнет со изработка и пакување, некогаш со набавка на материјали, пробување нови рецепти или барање инспирација.
Меѓу сето тоа, секогаш има и по некое „ајде уште едно чоколадо да пробаме“.
Кои креации ви се најголем предизвик, а кои ви се омилени? Кои се најпопуларни кај купувачите, а за кои има најмал интерес?
Најголем предизвик за нас се ситните детали кај помалите фигури – тие одземаат најмногу време и бараат голема прецизност.
Но, тоа е предизвик што воопшто не ни пречи, напротив, токму во тие мали детали најмногу уживаме и таму ја гледаме магијата на секоја креација.
Тешко е да се каже кое ни е најомилено, но би ги истакнале чоколадните букети, каде секој цвет го полниме со богато и вкусно полнење по желба на клиентите, како и чоколадните MAM ликови (Modern Abstract Minimalism).
За новогодишните празници апсолутни ѕвезди беа чоколадните лампиони, кои очигледно завршија на многу елки.
Голем интерес има и за бебешките персонализирани чоколади – за први чекорчиња, први запчиња, новороденчиња и родендени, затоа што, искрено, кој може да одолее на чоколадо со повод?
А, за помалку бараните креации… уште е рано да кажеме. Бидејќи сме „тазе печени“ во бизнисов, постоиме само два месеци, сè уште си го запознаваме пазарот, а и тој нас.
Колкав е интересот кај нас за вакви чоколадни продукти? Кои се најголемите предизвици со коишто се соочувате?
Интересот за чоколадни креации само расте – љубителите на чоколадо се секогаш тука, а дарувањето за среќни моменти или посебни пригоди е неизбежно.
Посебно внимание привлекуваат персонализираните чоколадни креации, кои се уникатен и незаборавен подарок.
Како и кај секој нов бизнис, се соочивме со предизвици, како на пример доставата, но сега сè е успешно решено.
Каде се гледате во иднина? Дали ќе се фокусирате на онлајн нарачки или можеби планирате да отворите и продавница/слаткарница?
Во иднина се гледаме како бренд кој ја носи магијата на чоколадото до секој дом. Засега се фокусираме на онлајн нарачки, за да можат нашите креации да стигнат до сите љубители на чоколадо, без разлика каде се.
Но, никогаш не се знае… можеби еден ден ќе имаме и своја продавница, и уште од излогот ќе мамат интересните производи и живописните бои на чоколадото, привлекувајќи ве уште пред да влезете и оставајќи насмевка на секое лице!