Мајката на Драгана, која загина во Кочани, за CRNOBELO: „Син ми не може да си прости што не ја спасил, се молев да отвори очи“
Во дискотеката со Драгана бил и нејзиниот помал брат, а тој за среќа е добар... Дали тој ви јави за пожарот?
Да, и тој беше присутен на концертот на ДНК, но за среќа бил надвор кога избувнал пожарот.
Прво не знаел што се случува, гледал како излегуваат луѓе и слушнал дека внатре има пожар.
Се присетил дека неговата сестра е внатре и одма истрчал упатувајќи се кон влезот, но не можел да влезе внатре.
Кога сфатил дека станува серозно ни се јави на нас, а ние веднаш се упативме со мојот сопруг кон дискотеката.

Каква слика ве пречека кога стигнавте пред „Пулс“? Дали веднаш го најдовте синот? И кога дознавте дека ќерката, сепак не е меѓу преживеаните?
Кога стигнавме таму, првите слики беа хаос, нешто што не би сакала никоја мајка да го види - насекаде тела. Некои лежеа мртви, некои едвај излегуваа барајќи помош, сè беше страшно.
Тоа е најболниот момент што го имам доживеано во овие 40 години.
Кога ја најдовме Драгана мислев дека е онесвестена.
Веднаш ја однесовме во болница, таму бев цело време, мислев и се надевав дека ќе ги отвори очите, но на крај дојде една докторка и ми ја соопшти најстрашната и најболна вест: „Не успеавме да ја спасиме“.

Колку трагедијата ве смени како човек, но и како мајка? Колку е тешко да бидете добра мајка за синот, да не го запоставите но и да не се „тресете“ цело време над него за да не му ја ускратите целата слобода и детство?
Трагедијата ме смени засекогаш. Како мајка стравот е поголем од сè.
Секојпат кога ќе излезе од дома во мене има голем немир. Но, се трудам да бидам свесна.
Знам дека ако му ја одземам слободата од страв ќе му одземам и дел од младоста, а веќе знам што значи да изгубиш.
Затоа учам да балансирам, да прашам, а не да испрашувам, да бидам поддршка, а не сенка над него.
Тој не е виновен за трагедијата. И заслужува да живее.

Како синот го преживува сето ова?
И мојот син ја преживеа таа ноќ, но дел од него остана таму.
Тој ја изгуби својата сестра што најмногу ја сакаше. Таа ноќ му го смени животот и беше тешко да му се објаснат многу работи, бидејќи не можеше да си прости дека не успеал да ја спаси.
Сè уште има моменти на тишина, на прашања без одговор. Но, секогаш го прегрнувам и му велам дека мора да продолжиме за неговата сестра, бидејќи таа не сакаше да нè гледа тажни.
Болката кај него е тивка, длабока и јас мајчински ја чувствувам секој ден.
Но сè би дала да му помогнам да се справи со траумата. Таа остави последици врз неговиот живот.

Како е сопругот? И како се носите заедно со болката како семејство?
Мојот сопруг... тој ја носи болката тивко. Не зборува многу, но ја гледам тагата во неговите очи секој ден.
Тој ја изгуби својата ќерка, својата гордост.
Се обидува да биде силен заради мене, но и за синот.
Како семејство се држиме еден за друг. Има денови кога молчиме, но се обидуваме да си бидеме поддршка.
Не е лесно, знам оваа празнина и болка ќе останат засекогаш.
Болката е голема но љубовта кон нашата ќерка е уште поголема.

Да е денес Драгана покрај вас, што би ѝ кажале. Што би сакале таа да знае?
Денес... да е денес мојата ќерка покрај мене би ја прегрнала најсилно и би ѝ кажала колку многу ми недостасува, колку ни недостасува на сите.
Би ѝ кажала колку сме горди на неа, не само поради успесите што ги имаше, туку и што беше добра душа.
Би сакала да знае дека љубовта не умира, нејзиното име се изговара со топлина, а не само со солзи.
Драгана ќе остане наша светлина која ќе свети најсилно во нашите најмрачни денови, ќе ја сакаме како и првиот ден кога првпат ѝ ги допрев малите рачиња.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Приватна архива
