Симона Димковска: „Работам на монодрама посветена на депресијата“

„Од реакциите на публиката, кои можев да ги посведочам на премиерите, видов дека ја препознаваат искреноста и веродостојноста која ја носи Исцелител како една комплексно емотивна социјална драма, со која барем на моменти можат да се поистоветат, а во исто време и да уживаат во суптилниот хумор што се провлекува во севкупното филмско дожививање“, изјавува актерката Симона Димковска.

 simona dimkovska rabotam na monodrama posvetena na depresijata 1

Симона, ја играте Јана, главната женска улога во филмот Исцелител во режија на Ѓорче Ставрески, кој веќе со месеци има проекции низ светот и се закитува со значајни награди и признанија. Ваков успех македонска кинематографија нема доживеано уште од појавувањето на Пред дождот на Милчо Манчевски. На што се должи успехот? Можеби актуелноста и вистинитоста на приказната се главните мотиви што допираат до гледачите?

Филмот Исцелител или Тајната состојка, имаше одличен старт, му се случи светска премиера  на интернационалниот филмски фестивал во Солун на 9 ноември 2017 година, каде што освоивме награда од публиката. Потоа следеше македонската премиера во Скопје на филмскиот фестивал Cinedays, по која што филмот не прекина со патување по најзначајните фестивали и да не изненадува со награди.

Од моментот кога го прочитав сценариото, јас верував во филмот, но не очекував толку голем успех. Од реакциите на публиката, кои можев да ги посведочам на премиерите, видов дека ја препознаваат искреноста и веродостојноста која ја носи Исцелител како една комплексно емотивна социјална драма, со која барем на моменти можат да се поистоветат, а во исто време и да уживаат во суптилниот хумор што се провлекува во севкупното филмско доживување.

Бројните странски и домашни критики, кои постојано не известуваат за тоа како Исцелител е прифатен на фестивалите, се уште една значајна потврда за успехот кој со овој залет нема намера да застане.

simona dimkovska rabotam na monodrama posvetena na depresijata 3

Вашата улога во филмот е медицинска сестра и поранешна девојка на Веле, но тежината што ја носи вашиот лик засведочува многу прашања пред сé за нашето македонско општество, но опфаќа и универзални проблематики, блиски до секој човек. Колку преку односот на Веле и Јана (пациент – медицински персонал) во државната болница се прикажува здравството во Македонија, а колку нивната некогашна поврзаност ги отвора тешките рани на минатото?

Сметам дека Исцелител многу точно ни покажува како стојат работите кај нас, особено ни покажува една  сурова, но реална слика за нашиот нефункционален здравствен систем. Во процесот на креирањето на ликот на Јана, главно црпев од своето лично искуство (за жал доста време сум поминала по нашите државни болници и сум видела сé и сешто).

Поради тоа,  Јана се обидов да ја претставам како медицинска сестра на која лошите работни услови ѝ станале здодевна рутина, а случајното појавување на Веле, во неа за момент ги буди заборавените емоции и потребата да ја искористи својата позиција и да му помогне во случајот со татко му. Таа суштински го разбира неговиот проблем; преку нејзиниот критички став кон непроменетата ситуација на Веле, успева прецизно да ја отвори болната рана која само навидум зараснала, со што станува една од главните причини за неговото конечно соочување со татко му и ослободување од стегите на минатото.

simona dimkovska rabotam na monodrama posvetena na depresijata 2

Ако зад себе го оставиме филмот Исцелител ќе забележиме дека сте дел од Театарот на Навигатор Цветко и како актер може да ве видиме во претставите „Солун, град на духови“ и „Лерин – полиња жито, ридишта крв“ од Русомир Богдановски, а во режија на Слободан Унковски.  На вас, како актер, колку време и труд ви беше потребно за да се идентификувате со сеќавањата на Македонците кои се бореле во Граѓанската војна во Грција од 1949 година приложени во текстот и на еден посебен начин да го пренесете пред публиката?

Лерин е фрагментарна драма која низ испреплетени лични судбини зборува за падот на Демократксата Армија  и за Комунистичката партија на Грција, нивниот судир со монархофашизмот и последиците од историските битки кон националното прашање на Македонците. Лично за мене оваа тема ми беше речиси непозната (исто така и тематиката која ја обработуваме во Солун, град на духови); но предизвикот е многу поголем во создавање на ликови кои навистина постоеле.

Подготовките за претставата се одвиваа во краток период од месец и половина. Секое создавање на претстава, подразбира и паралелен истражувачки процес. Конкретно за Лерин, истражувањето беше доста интензивно, не беше лесно да се најде литература и материјали за тој период, но успеав да најдам сведоштва на истакнати партизани и документарци со преживеани сведоци од војната што многу ми помогна да сфатам што навистина се случувало и тоа да го пренесам на мој начин во претставата.

Алтернативната сцена во Македонија изнаоѓа сила и начин да опстои, мотивирана од групата на луѓе кои им ја даваат поддршката. Кои чекори и мерки треба да се преземат за да може театарот да биде подостапен и поблизок до луѓето?

Сметам дека алтернативниот театар поради начинот на кој функционира (најчесто маркетингот се сведува на рекламирање на Фејсбук, а билетите  се купуваат онлајн),  допира само до одредена група на луѓе. Има потреба да се надополни со конвенционални  маркетинг алатки. Од друга страна изведбите на самите претстави се поретки и обично алтернативните театри немаат постојан месечен репертоар како државните, на кој што навикнала публиката.

Достапноста, квалитетот и одржливоста на претставата од една страна и информираноста и желбата да се види нешто ново од друга стана се клучни за приближувањето на алтернативната сцена до пошироката публика.

simona dimkovska rabotam na monodrama posvetena na depresijata 4

Во наредниот период ќе подготвувате монодрама. Целиот ангажман од пишувањето на текстот, режирањето и останатите компоненти ќе бидат реализирани лично од вас. Може ли накусо да ни откриеш каков проект е на повидок, знаејќи дека ќе обработува една многу комплексна тема, а тоа е депресијата?

Темата која ќе ја разработам во оваа претстава е депресија, честа и сериозна болест на денешницата. Основна цел е да дадам свој придонес кон подигање на свеста на луѓето, пред се за разбирање на депресијата, како и за превенција и адекватен третман на истата. 

Отвароњето на оваа тема од актерска/театарска гледна точка би помогнало да се дестигматизираат заболените. Инспирација за изборот на оваа тема произлезе од читањето на драмскиот текст Психоза 4.48 на Сара Кејн, каде главниот лик има дијагноза – клиничка депресија.

Поради тешката тема која се разработува во драмата, исклучително субјективниот израз ми дава еднострано видување на оваа тематика. Сметам дека тоа не е доволно за да се покаже една јасна слика за депресијата како широка и актуелна тема пред поширока публика. Од овие причини, во моментов работам на преработка на овој текст со помош на психијатри, психолози и психотерапевти за да добиеме едно пообјективно видување кое ќе резултира со поголема достапност и разбирливост на оваа тема од страна на публиката.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Бојан Велевски, стенд-ап комичар: „Сопругата не можам да ја ‘омекнам' со шега кога ми е лута, во Коч... „Тие генерации што израснавме во тоа време, со 'Наше маало', 'Големи и мали', зн...
Дијана (30) од Тетово живее во Германија: „Сите пластични играчки на синот (2) ги заменив со дрвени,... Разговараме со Дијана (30) од Тетово, која живее во Германија со семејството, а ...
Миро Кацаров за љубовта со Ивана: „Ни се случи љубов на прв поглед, по неколку месеци веќе почнавме ... „Ивана знае дека јас сум блесав и будала на свој начин, па не беше шокирана од з...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg