Позитивна точка во нашата земја: Македонска Фејсбук група со најверните љубители на книгите

Една од Фејсбук групите во која членуваат сите кои се љубители на книги во земјава. Група во која секогаш ќе најдете препорака за добра книга, критика за лоша книга, во која можете да споделите ваше мислење без да бидете осудени.

pozitivna-tocka-vo-nasata-zemja-makedonska-facebook-grupa-so-najvernite-ljubiteli-na-knigite-01.jpg

„Размена на книги и книжевни муабети“ е прекрасна иницијатива основана од Наде Јовчевска (Nadin Ilieaux) првенствено за размена на книги во 2015-та година. Набрзо во групата се вклучуваат голем број членови, а со самото тоа се зголемуваат и активностите во групата. Денес таа брои над 17.500 членови и се дискутира за сè што е поврзано со книгата.“ – ни раскажа Денис Бојаров, еден од админите на оваа група.

Со него поразговаравме за активностите и настаните кои ги организираат со членовите, за тоа што најмногу се чита кај нас, кои се најчитани книги...

Кои сè активности се организираат за членовите на групата?

Освен секојдневните објави за размена на книги, имаме и објави за промоција на книги и настани поврзани со издаваштвото, информации околу попусти, саеми, акции, и сл., имаме и отворен апел за донирање книги за пополнување на библиотеките со слаб библиотечен фонд, за училишта, болници, пензионерски домови, институции за помош и слични реализирани донации. Еднаш месечно имаме организирани настани за размена на книги,  како во Скопје, така и низ градовите во цела Македонија.

Имаме неколку тековни акции, како акцијата #КнигаЗаРоденден, #ПатувачкаКнига и сл. Имаме соработка со поголем дел издавачки куќи, кои несебично се трудат книгата да ја доближат до читателите... Имаме и „Клуб на читатели“ и „Поетско читање“ организирани во склоп на групата, објави за #ИзборОдМакедонскаПоезија, #ИзборОдСтранскаПоезија, #КнижевниМуабети, #КнигаНаДенот и сл. Имаме уште многу убави активности поврзани со групата.

pozitivna-tocka-vo-nasata-zemja-makedonska-facebook-grupa-so-najvernite-ljubiteli-na-knigite-02.jpg

За што најчесто се дискутира во групата?

Според она што го забележуваме, најчесто се дискутира за препораки на книги: некој препорачува, друг прашува дали е добра книгата, трет бара препораки за добри книги итн. Членовите честопати преку слики ја споделуваат и својата радост за купените книги, што е сосема разбирливо во една ваква книжевна група.

Споделуваме уште многу радости и мислења. Накратко кажано, зрачиме со книжевна и читателска љубов.

Колку луѓето се расположени да разменуваат книги? Дали попрво би купиле или размениле книга?

Тоа е индивидуален избор на секој член. Но, да... дел од членовите разменуваат, дел купуваат и разменуваат, некои само купуваат, но не разменуваат, некои читаат од библиотеки и сл. Имаме и такви членови што на размените доаѓаат само за да нè прегрнат и да размениме понекој убав збор, има и такви што само подаруваат, но не разменуваат... Имаме различни профили луѓе и секој си е слободен во својот избор.

Нас нè здружува љубовта кон книжевните муабети, препораките, и општо – заедничката љубов што ја имаме кон книгите.

pozitivna-tocka-vo-nasata-zemja-makedonska-facebook-grupa-so-najvernite-ljubiteli-na-knigite-10.jpg

Дали имате евиденција на 10 најчитани книги од членовите? Би можеле да ги споделите со нас?

За најчитани книги не водиме евиденција, бидејќи, нели, нема како да направиме сеопфатна анкета за сите наслови на книги, но затоа, пак, имаме анкети за тоа кои жанрови најмногу се читаат. Меѓу најчитаните жанрови се: белетристика (трилери, драми, романси итн.), класици и популарна психологија.

Што значи „Книга за роденден“ и дали сè уште го практикувате ова?

Да, сè уште го практикуваме. Имаме роденденска листа во која секој член може да се пријави и да го има во листата, потоа два-три пати се објавуваат тековните родендени на членовите од таа листа, па секој член има евиденција за родендените на пријавените членови и секој член може да си одбере некој по сопствена желба и да му испрати книга за роденден на друг член.

Ова не се обврзувачки активности, туку секој член по своја желба се вклучува во активноста. На крајот, членот има задача да ја објави книгата во групата со хаштагот „Книга за роденден“, а испраќачот може и да се објави, а може да остане и анонимен доколку сака, зависи како ќе се договорат испраќачот и примачот на книгата.

Најчесто се објавуваат книгите и честитките со посвета. Честопати освен книга, во пратката можат да се најдат и мали пакетчиња кафе, чоколада и сл. Сето тоа е избор на испраќачот.

pozitivna-tocka-vo-nasata-zemja-makedonska-facebook-grupa-so-najvernite-ljubiteli-na-knigite-16.jpg

Колку луѓето во земјава сакаат да читаат македонска литература? Дали се преферираат странски или домашни автори?

Според податоците со кои располагаме, странските автори се претпочитаат повеќе од македонските. Причините зошто е тоа така не можеме да ги кажеме во целост, но она што го забележуваме, делумно читателите не се запознаени со имињата на многу македонски автори, делумно она што го претпочитаат некои читатели го нема во изобилство на нашиот пазар како производ од македонски автори, но верувам дека има и други причини.

Но, откако се отвори прашањето за македонски автори, дефинитивно членовите и сите ние во последнава година почнавме да ги фавозиризаме и македонските автори и, секако, одиме во нагорна линија.

Ќе тргнам од себе и со драго срце би истакнал дека годинава имам прочитано околу 30 наслови од македонски автори. Имаме навистина добри автори и книги.

Дали при размена на книги по одредено време секој си ги добива назад прочитаните книги или се случува да не бидат вратени, оштетени и сл?

Нашите размени се трајни. Но, ако постои интерен договор меѓу членовите за привремена размена, тоа е одлука на членовите. Досега не сме имале ниту една жалба дека некој член му вратил оштетена книга на друг член.

Колку книги чита Денис месечно? Колку има прочитано во месец септември?

Зависи од обемот на книгите, од содржината, дали е проза или поезија итн. Има месеци кога читам по 5, а има и месеци кога читам по 15 книги. Годинава си направив список на прочитани книги и списокот вели дека во септември сум прочитал 10 книги.

pozitivna-tocka-vo-nasata-zemja-makedonska-facebook-grupa-so-najvernite-ljubiteli-na-knigite-11.jpg

Кои се вашите омилени 5 книги?

Уф, ова е навистина многу тешко прашање за секој страстен читател. Ако треба да одберам омилени книги на сите времиња, списокот би бил навистина долг затоа што секоја од тие книги заслужува да биде во топ 5.

Затоа ќе се ограничам само на овогодишните 5 топ книги според мене, а тоа се: „Диссомнии“ од Игор Станојоски; „1984“ од Џорџ Орвел; „Човекот по име Уве“ од Фредрик Бакман; „Бисерот што ја скрши школката“ од Надија Хашими и „Невидливиот чувар“ од Долорес Редондо. Како бонус кои заслужуваат 5+ во топ 5, ги вбројувам и „Куќата на џамијата“ од Кадер Абдолах и „Папокот на светот“ од Венко Андоновски.

pozitivna-tocka-vo-nasata-zemja-makedonska-facebook-grupa-so-najvernite-ljubiteli-na-knigite-14.jpg

Денис приватно – вашата професија и како го организирате сопственото време за да можете да читате редовно?

Мојата професија е поврзана со читање книги. Работам како преведувач на книги од турски на македонски, како професор по македонски на странци и лектор по македонски јазик. Читањето книги за мене е начин на живот и убава навика, исто како миењето заби и лице, да речеме, хе-хе.

Не гледам телевизија речиси воопшто и информациите што ми се потребни мене ги консумирам или преку интернет, или преку луѓе. Најчесто преку луѓе, па потоа барам извори за оние статии што се од општествена корист или важност.

Најчесто читам наутро кога ќе станам од спиење, со шолја кафе, и навечер во кое било време сè додека да заспијам. Со еден збор, се будам и заспивам со книга.

Доколку и вие сакате да бидете дел од групата прекрасни луѓе кои уживаат во добра книга, клик тука. На здравје читање!

pozitivna-tocka-vo-nasata-zemja-makedonska-facebook-grupa-so-najvernite-ljubiteli-na-knigite-05.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Би можело да ве интересира:

Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
„Нема бенефит од доењето, постои само ризик од недоење“: Наташа Ц. Тодосовска, специјалист за доење ... „Сите слики од доење кои ги гледаме на социјалните медиуми се најчесто од мајка ...
Хелена Роза по 4 години се врати од Нов Зеланд: „Заминав на 39 години, завршив факултет и сега со со... „2022 ми беше една од најубавите години - конечно зедов дозвола за возење мотор ...
Диџеј Мац: „На журки ми бараат песни од Ерзана и Врчак“ Крајот на 2023-та на музички план го одбележаа забавите со домашни хитови кои ди...
Ана Јаневска: „Мојата домашна библиотека брои 418 книги, а ги обожавам крвавите трилери на Крис Карт... Сите книги ми се многу драги и честопати знам да си застанам пред полиците и да ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg