Марио Савовски: „Се преселив во Берлин за да работам во студио за видео игри – како изгледа мојата работа?“


Марио Савовски: „Се преселив во Берлин за да работам во студио за видео игри – како изгледа мојата работа?“

Марио Савовски од Скопје од пред некоја година живее во Берлин и работи во студио за игри. Завршил Филолошки факултет – англиски јазик и книжевност, но не ја искористил својата диплома зашто веќе 6 години работи како дизајнер на игри, правејќи игри за мобилен. 

mario savovski raboti vo studio za video igri berlin e zelen grad i sekoj moze da najde nesto po negov vkus 2

Марио вели дека гејма од кога знае за себе, а негува и голема љубов кон книги, стрипови, филмови и уметност во која било форма. Исто така голем фан е на рубикови коцки, а до сега рекорд во решавање на рубокова коцка му е 35 секунди.

Пред година дена го напушти Скопје и сега живееш во Берлин, како заврши таму?

Морам да признаам, преселбата во Берлин не ми беше во план пред година и пол. Но, минатиот јуни добив понуда за работа од студио за игри во Берлин (GameDuell, каде што работам моментално), и ми се виде како одлична шанса да „избегам“ од Македонија и да видам што има надвор.

Плус, од сите луѓе што ги знам што биле во Берлин, сите ми го опишаа како прекрасен град особено за млади креативни луѓе. И така, потпишав договор, ги поминав сите процедури за виза и слично, и минатиот октомври се качив на лет за Берлин. Од тогаш сум тука, иако го посетив Скопје на кратко во март.

mario savovski raboti vo studio za video igri berlin e zelen grad i sekoj moze da najde nesto po negov vkus 8

Да се работи во студио за видео-игри само по себе е забавно и интересно искуство. Марио, на какви проекти ја посветуваш својата креативност и време?

Па, дефинитивно за мене оваа работа е работа од соништата. Конкретно во GameDuell работам на игри за мобилен, кои се базираат на веќе постоечки игри со карти од цел свет.

Игри како американската Gin Rummy, или француската Belote. Ептен ми е погодено бидејќи и самиот сум голем фан на игри со карти (тајна мисија ми е да ги натерам да направиме мобилна верзија на Магарец или Табланет). Надвор од тоа, во слободно време периодов работам на нова книга, која ќе биде епска фантазија на англиски јазик.

mario savovski raboti vo studio za video igri berlin e zelen grad i sekoj moze da najde nesto po negov vkus 13

На кои проекти си посебно задоволен и зошто?

Два проекти од кои особено се гордеам се интерактивната книга и друштвената игра со улоги кои ги создадов како дел од „Урбанон“ универзумот. Зборувам за „Урбанон: Тајните Документи“ и „Урбанон: Прирачник за Агенти“.

Првиот Урбанон беше огромно достигнување за мене (и сметам и за македонската книжевност во целост) бидејќи беше прва интерактивна книга од тој тип, заедно со веб-страница, апликација, и цел treasure hunt во кој се впуштија фановите, барајќи скриени пораки и тајни низ цело Скопје!

Навистина беше голем успех и многу ме радува што толку позитивна реакција имаше од читателите. А вториот Урбанон исто така беше „прв“ во државата во делот на друштвени игри со улоги (roleplaying games), и иако одзивот не беше толку голем како првата книга, пак сметам дека беше чекор напред за македонската култура на друштвени игри и општо на создавање на игри.

И двата проекти беа огромен труд исполнет со солзи, пот и крв, но токму затоа и се гордеам толку многу и со двата.

urbanon priracnik za agentidrustvena igra so paranormalni nastani i skopski urbani legendi 6

Кога станува збор за креативниот дел имаш ли некој систем по кој го создаваш концептот на игрите и ликовите?

Уф, добро прашање. Бидејќи дизајнирањето на игра и пишувањето се доста различни, можам да кажам дека мојот пристап кон двете се разликува. Но, можам да кажам дека и во двата случаи зачетокот се базира на „истражување на пазарот“. Што е тоа што е веќе направено? Што е тоа што се покажало како успешно, што е тоа што треба да го избегнам, и што е тоа што можам да го искористам во мојата игра/приказна?

Понатаму, следен чекор за мене, откако знам што веќе постои, е да пронајдам што фали, или што јас би сакал да видам? Ако станува збор за игра – каква игра би сакал јас да играм, што моментално не постои? Кои механики или тематика би ми била интересна мене, што ја нема моментално? Или пак каква приказна би сакал да прочитам што нема моментално?

Понатаму следува итерактивен процес на создавање на концептот и осмислување на сите детали, било да се тоа механики за играта, или ликови за приказната. Особено ако е второто, сакам да создавам ликови кои се комбинација на спротивставени или невообичаени одлики, карактери кои пркосат на стандардните улоги кои читателите очекуваат да ги играат.

Сакам читателот да биде изненаден, и да искуси нешто ново и возбудливо, но и навидум познато. Затоа мислам дека Урбанон беше толкав успех – бидејќи се работеше за позната материја (урбаните легенди), но обработени на нов и интересен начин.

mario savovski raboti vo studio za video igri berlin e zelen grad i sekoj moze da najde nesto po negov vkus 6

Што е она што најмногу сакаш да го играш во последен период?

Морам да признаам, во последно време сум опседнат со инди игри, или игри што се издадени од помали компании, а не од „мејнстрим“ џиновите како Blizzard, Activision, EA.

Сакам игри што знаат да ме изненадат, како Disco Elysium, Celeste, Monster Train, и слично. Особено сакам платформери, и морам да признаам последниов период особено сум опседнат со Celeste, пробувајќи да ги најдам сите тајни и Achievments.

Пред неколку години ја издаде книгата „Урбанон: Тајните документи“, како и друштвената игра со улоги (tabletop role-playing game) – „Урбанон: Прирачник за Агенти“, ќе следуваат ли нови содржини за Урбанон?

Да, моментално работиме на игра во виртуелна реалноста, која се вика Codename: Urbanon. Без сомнеж ова ќе биде најголемиот (и за мене највозбудливиот) дел во светот на Урбанон, и во план е наскоро да извадиме нешто што играчите ќе можат да го пробаат.

Уште е во изработка, но можам да кажам дека во оваа игра играчот е во улога на агент на тајната организација ОТРАЛКОН, кој треба да ги истражува урбаните легенди за коишто луѓето читаа во претходните две книги.

mario savovski raboti vo studio za video igri berlin e zelen grad i sekoj moze da najde nesto po negov vkus 7

На почетокот од разговорот спомна дека во слободно време работиш на нова книга – епска фантастика на англиски јазик, можеш ли да ни откриеш нешто повеќе за тоа?

Периодов во малкуто слободно време што го имам, работам на нова книга на англиски јазик. Поточно, планот е тоа да биде трилогија, па ќе видиме како ќе испадне. Сè уште е рано да откријам многу детали, но можам да кажам дека станува збор за свет каде што постојат два света. Будниот свет каде луѓето живеат кога се будни, и светот на Соништата, каде луѓето живеат кога спијат.

Без исклучок, секој човек во овој свет е транспортиран во овој свет на соништата кога сонува. Ова е концепт што многу ме интригираше и сакав да го истражам во целост. Името за серијава е „The Dream Tenets“, а првата книга (која е од прилика 25% напишана) ќе се вика „The Crimson Threshold“.

mario savovski raboti vo studio za video igri berlin e zelen grad i sekoj moze da najde nesto po negov vkus 12

Во град како Берлин има моменти каде човек не може да се одлучи што да прави. Како го поминуваш секојдневието, имајќи стотици можности на располагање?

Интересно прашање. За жал, до скоро време имаше строг локдаун и речиси ништо не беше отворено поради пандемијава, но еве последниве 3-4 месеци повторно живна градот. Од настани и активности низ Берлин, уште сум во туристичка фаза и сакам да ги видам сите музеи, и познати места во градот.

Но, надвор од тоа, бидејќи очајно ми фалеше музика и концерти, гледам да одам на такви настани. Имам среќа што во Берлин доаѓаат огромен број на бендови и пејачи, и пред некое време бев на еден од моите омилени бендови – The Hives, во склоп на моторџиски фестивал.

mario savovski raboti vo studio za video igri berlin e zelen grad i sekoj moze da najde nesto po negov vkus 4

Кои места ти се омилени во Берлин? Успеа ли да посетиш и други градови?

Една од омилените работи во врска со Берлин е колку е зелен градот – исполнет е со паркови и зелени површини. Тиргартен е можеби најпознатиот, и со добра причина – навистина е прекрасно да се шета низ паркот, во кое било време од годината, а и огромен е. За жал од другите градови сè уште не успеав да прошетам, но бев во Есен, што е град близу Дортмунд и Диселдорф. И тоа беше доста убаво искуство. Мало но колоритно гратче.

Што ти е најинтересно во врска со Германците, а што е она што не ти се допаѓа?

Ах, ќе треба да внимавам, во случај некој од колегите ако го прочита текстов хахаха. Што знам, би рекол дека во глобала се доста полиберални, бар младите кои ги имам запознаено тука. Доста различни карактери имам запознаено до сега. Но морам да кажам, дури и самите Германци зборуваат дека Берлин не е ист како остатокот од Германија. Така да можеби поточно би било да кажам дека Берлинците се либерални. Не можам да кажам дека има нешто што не ми се допаѓа во врска со луѓето, но општо можам да кажам дека не ми се допаѓа бирократијата и сите тие административни работи. Не можеш да направиш ништо без да закажеш три месеци од напред, да пополниш пет формулари и да се осетиш ко таа сцената во Астерикс и Обеликс цртаниот каде трчаат во зграда од шалтер на шалтер.

mario savovski raboti vo studio za video igri berlin e zelen grad i sekoj moze da najde nesto po negov vkus 5

Берлин е преполн со напуштени објекти, посети ли некое такво место?

Скроз напуштено – не, но се имам најдено во делови од градот кои изгледаат доста така, апокалиптично, но тоа е само шармот на тие улички. Но сега кога ме потсети – треба да го направам ова!

Како за крај како ќе го дефинираш Берлин во една реченица?

Уметнички град каде што секој може да најде нешто по негов вкус.

mario savovski raboti vo studio za video igri berlin e zelen grad i sekoj moze da najde nesto po negov vkus 10

mario savovski raboti vo studio za video igri berlin e zelen grad i sekoj moze da najde nesto po negov vkus 3

© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: Е.Х | Црнобело 

Би можело да ве интересира:

Ана Гигова за ноќниот живот во Скопје во 90-тите: „Излегувавме во Мусандра, на ливче хартија си дава... „Во 90-тите некој додворувач срамежливо ќе го побараше телефонскиот број, а јас ...
Давор Стојановски: „Сегашноста наликува на веќе започната партија шах“ Доаѓањето во Скопје за мене има друго значење, затоа што е еден од моите два дом...
Ангела Маслова, охриѓанка од Алјаска: во лето на 0ºC децата се по кратки ракави и имаме 24 часа сонц... Сосема случајно на Инстаграм, наидовме на прекрасни фотки од наша девојка која ж...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg