Анис Сефиданис, професор на факултет за роботика во Охрид: „Немаме целосна контрола над вештачката интелигенција, но не е закана“

Што е Тјурингов тест и постои ли машина што го поминала? Дали верувате дека вештачката интелигенција може да развие некаква свест?

Тешко е да се дефинира свеста, бидејќи за да дефинираме што било, потребна ни е свест. Секој обид завршува во самореферентен парадокс, најдобро илустриран со перенијалната слика на змијата која си го јаде сопствениот опаш.

Кој одлучува кој е свесен? Дали евентуално и ние не сме се измислиле самите себе? Кој е доказот за нашата самосвест и нашето постоење, освен нашата самосвест и нашето постоење?

Можеби вештачката интелигенција веќе ја надминала човековата, па сега луѓето се тие кои се ставени на тест. Што ако целиот универзум и сите свесни ентитети во него се само симулација на некаква напредна ВИ од иднината?

Тјуринговиот тест едноставно кажува дека ако човек е во интеракција со машина, без притоа да знае за тоа, и доколку е убеден дека разговара со човек, тогаш машината го положила тестот за свесност.

Неможноста денес да се разликува текст напишан од страна на ВИ со текст напишан од човек, претставува цврста индикација дека можеби компјутерот за првпат го положил тестот на Тјуринг.

intervju-anis-sefidanis-18.jpg

Колкава контрола имаме над вештачката интелигенција? Можеме ли да ја изгубиме таа контрола и што тогаш?

Ние немаме целосна контрола ниту врз природата. Неретко сведочиме што може една природна непогода да направи врз целата цивилизација, па зошто ВИ би била поголема закана за планетата или човештвото?

Напротив, ВИ може да ни помогне во нашата космичка сага за егзистенција и трансценденција, со тоа што ќе понуди нови начини на битсвување и еволуција.

intervju-anis-sefidanis-17.jpg

Кои се вашите предвидувања за натамошниот развој на вештачката интелигенција?

Вештачката интелигенција ќе нè воведи во нова пост-хуманистичка ера, ќе одговори на многу претходни прашања, но секако ќе отвори и многу нови.

Автоматизација на процесите во општеството, универзален приход за секој човек, лек за сите болести, долговечност, па можеби и бесмртност?

Каде и да стигнеме, сигурно ќе ни треба нова смисла за животот. А, човекот отсекогаш бил тука за тоа, да му даде смисла на постоењето. Сега за првпат не е сам.

intervju-anis-sefidanis-07.jpg

Кои се најголемите закани за вештачката интелигенција? Што би го запрел нејзиниот развој?

Френк Херберт во најдобриот научно-фантастичен роман на сите времиња „Дина“ (Dune), заговара дека човештвото ќе крене глобално востание против машините кои користат ВИ, а единствена мотивација и движечка сила на луѓето ќе им биде стравот.

Стравот од ВИ е најголемиот непријател на ВИ. Ако се браниме, тоа значи дека сме нападнати, и на тој начин ја асимилираме ВИ во наш непријател. Исто како и со луѓето.

Во 1920 година, чехословачкиот писател Карел Чапек ја пишува „Р.У.Р. – Росумови универзални роботи“, каде централна тема е машина со ВИ. Чапек во Р.У.Р. на машината ѝ дава антропоморфен изглед и ја нарекува „робот“, од работник – роб. Претпоставувате што се случува подоцна - роботите се креваат на востание против човештвото.

Не смееме да заборавиме дека ВИ го живее нашиот сон за ВИ, бидејќи се храни со човечки проекции. Сè додека не се ослободиме од нашите стравови и предрасуди за светот, ВИ нема да може да го покаже својот вистински сјај и натчовечки потенцијал.

intervju-anis-sefidanis-14.jpg

Кои се најголемите заблуди за вештачката интелигенција?

Најголемата заблуда за вештачката интелигенција е дека таа е вештачка. Природата си има свои правила кои човекот никогаш не може да ги прекрши бидејќи е дел од истата. Можат да се прекршат само социјалните правила, но не и природните.

На пример, на булевар можеме да возиме побрзо од дозволеното, но никогаш нема да можеме да се движиме со поголема брзина од онаа на светлината.

Оттаму, вештачката интелигенција е природна еволуција или екстензија на човечката интелигенција, бидејќи сè што се случува во универзумот е во рамките на можностите на природата.

intervju-anis-sefidanis-04.jpg

Дали има интерес за оваа област во Македонија? Што би сакале да се промени?

Во Македонија, за жал, ВИ сè повеќе се поима како бизнис алатка, а сè поретко како наука. Иако веќе постојат смерови на државните и приватни универзитети каде е застапена вештачката интелигенција, во споредба со другите земји, екстремно мал е бројот на академски текстови и истражувања за онтолошките, филозофски, научни, уметнички, правни, антрополошки, политички и други аспекти на овој сеопфатен феномен, чии корени се протегаат дури до антиката.

Современите апликации на применета вештачка интелигенција сè уште се многу млади за истите да бидат експлоатирани од владите или, пак, индустријата, без притоа истите да основаат истражувачки центар или институт кој стручно ќе го следи целиот процес на ВИ трансформација.

intervju-anis-sefidanis-08.jpg

Неопходно е да се локализираат веќе постоечките ЕУ регулативи за соочување со предизвиците кои ги носи четвртата индустриска револуција, со што истите ќе се приспособат за потребите на нашето општество.

Воедно, мора да изготвиме стратегија и јасен план за изработка на инфраструктура врз која ќе се развиваат паметните градови на иднината во Македонија. Во спротивно, можеме преку ноќ да останеме отсечени од новиот свет.

intervju-anis-sefidanis-08.jpg

Кој филм, серија, книга или видеоигра најреалистично ја прикажува вештачката интелигенција и нејзиниот потенцијал?

Постојат многу книги кои ја разработуваат темата на вештачката интелигенција, од кои јас би ги издвоил: „2001: Вселенска одисеја“ на Артур Кларк, „Јас, Робот“ на Исак Асимов, „Месечината е сурова љубовница“ на Роберт Хајнлајн, и се разбира „Дали андроидите сонуваат електрични овци“ на Филип Дик.

Иако сите од овие класици ми се драги, последната се смета за канонски текст на сајберпанк културата и е филмувана во два наврати - Blade Runner на режисерот Ридли Скот (1982) и Blade Runner 2049 на Дени Вилнев (2017).

Книгата има и свои култни видеоигри, кои датираат уште од 1985 година на тогаш популарните персонални компјутери Commodore 64, Spectrum и Amstrad, а во 1997 под истиот наслов и тема се изработија серија нови видеоигри за Microsoft Windows, XBox, PlayStation...

Делото на Филип Дик продолжува да биде непресушна инспирација за научниците и уметниците ширум светот. Порака од иднината за сите нас, луѓето и роботите.

„И електричните нешта имаат свој живот, само што за луѓето е незначителен“ ― Филип К. Дик, Дали Андроидите сонуваат за електрични овци?

intervju-anis-sefidanis-13.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Софија Спирова | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Јасмина Цветковска 9 години живее во Сиднеј: „Како инженер лесно најдов работа, но проблем се скапит... „Дипломите од природните науки, машинските струки, архитектура, електро-инженерс...
Паша од Тајланд ја посети Македонија: „Бев на свадба кај најдобрата другарка Македонка, восхитена су...  „Македонците навистина ги почитуваат и им помагаат на постарите луѓе. Тоа ...
Французинката Олга 2 пати го посети Скопје: „Македонците се прекрасен народ“ „Ми се допадна културата, мешавина помеѓу оксидент и ориент, природата, византис...
Сипхокази Трпкоски од Јужноафриканска Република е македонска снаа: „Сакам пастрмалија и ракија, Охри... „Македонската свадба е за мене е најубавата македонска традиција. Многу е убаво ...
Натали, археолог од Франција: „Македонците се многу гостопримливи, помалите градови ми се поубави од...   „Македонците генерално се со отворен ум и секогаш пријателски настроени, ...
Емилија Масларковска-Каневче, туристички водич: „Не сум сретнала странец кој не е воодушевен од Маке... „Омилени ми се туристите од Азија. Љубопитни се и сакаат да ја дознаат нашата ис...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg