Анис Сефиданис, професор на факултет за роботика во Охрид: „Немаме целосна контрола над вештачката интелигенција, но не е закана“

„Со технологии како паметниот споменик на Прличев ќе го зачуваме нашето културно наследство. Ќе ни требаат нови закони за регулирање на вештачката интелигенција и чет-ботовите, како и промена на постоечките“, вели во интервју за CRNOBELO.com Анис Сефиданис, професор на Факултетот за машинска интелигенција и роботика во Охрид.

intervju-anis-sefidanis-01.jpg

Анис Сефиданис е професор на Факултетот за машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Тој е и основач на центарот за истражување и развој на експоненцијални технологии, кој го донесе првиот Суперкомпјутер на компанијата NVIDIA во регионот.

Анис потекнува од Охрид, а овде завршил и природно математичка гимназија, при што двапати бил првенец од областа на информатиката на државната смотра на млади истражувачи на Република Македонија.

Високото образование го завршил во Италија, по што се вратил во родната земја и ја почнал научно-истражувачката работа.

Во 2013 година, тој ја освоил наградата на T-Mobile Innovation Contest, за платформа на корисничка поддршка базирана на вештачка интелигенција.

Анис Сефиданис е и автор на пет книги од областа на ИТ: „Препознавање на облици“, „Вовед во програмирање“, „Дигитална форензика“, „Мултимедијални системи“ и „Холографија“

За CRNOBELO.com, Анис Сефиданис се обидува да ни ја доближи вештачката интелигенција и придобивките од неа:

Од каде потекнува желбата за изучување на информатичките науки? Што ве фасцинира кај нив?

На неполни пет години го добив првиот компјутер, Commodore 64, на кој научив да програмирам и се вљубив во информатиката. Во компјутерот пронајдов метафори од природата, а пак во природата – од компјутерот.

Информациите се во основата на целиот манифестен универзум, а реалноста е производ на процесирање на тие информации. Информатиката оттука претставува триумф, но исто така и трансценденција на човечкиот интелект.

Компјутерите ни овозможуваат да бидеме повеќе од тоа што сме, тие ни даваат моќ да завладееме со себе и светот.

intervju-anis-sefidanis-10.jpg

Основач сте на центар за вештачка интелигенција. Што претставува овој центар?

Нашата мисија е да одговориме на глобалните предизвици во пресрет на четвртата индустриска револуција, преку креирање на иновации од сферата на експоненцијални технологии како што се ВИ (вештачка интелигенција) и ВР (виртуелна реалност).

Едукативното катче во Сефиданис вклучува преку 1000 оригинални наслови на светската научна библиотека на повеќе европски јазици, додека лабораторијата може да понуди ексклузивно искуство со виртуелни интелигентни агенти, имерсивни уреди, интерфејси компјутер-мозок, холографски дисплеи, 3D принтери, 3D скенери, ЦНЦ машини и многу друго.

Компанијата е единствена од ваков тип кај нас, чиј примарен фокус е да го спречи одливот на млади научници и таленти од земјата.

Диверзитетот на вештини и технологии претставува клучната алхемиска состојка преку која се обидуваме да ја обликуваме иднината, почитувајќи ја на тој начин традицијата на древниот Охрид.

intervju-anis-sefidanis-03.jpg

Како функционира интерактивниот споменик на Григор Прличев во Охрид? Од каде идејата за вакво уникатно дело?

Паметниот споменик на Вториот Хомер, охридскиот поет и ловороносец Григор Прличев, е спој на роботиката, холографска технологија, виртуелна реалност и вештачка интелигенција.

Во центарот на триметарскиот тотем е поставен електро мотор, на чија оска се поврзани паметни лед модули, преку чија синхронизација се креира анимирана слика во воздух.

Споменикот има и вграден централен компјутер кој е постојано поврзан со ВИ платформа во облак (Cloud), каде се прават сите неопходни пресметки.

intervju-anis-sefidanis-26.jpg

Проектот целосно беше изработен во рамки на Сефиданис, и покрај другото вклучува технологија за препознавање и синтеза на говор на македонски јазик, со особеностите на охридскиот дијалект, што му овозможува на корисникот непосредна интеракција со дигиталната свест на поетот.

Виртуелен Прличев е дел од парадигмата наречена дигитален хуманизам (Digital Humanities), каде со помош на информатичките технологии можеме да извршиме трајна конзервација на културното наследство.

Бидејќи јазикот е жив организам, единствено хибридите и виртуелните ентитети од овој тип можат да ги воскреснат, сочуваат и пренесат нашите дијалекти во вечноста.

intervju-anis-sefidanis-11.jpg

Што е суперкомпјутер и за што се користи?

Суперкомпјутер е сметач кој може да извршува висок степен на операции, значително многу поголем од капацитетот на останатите конвенционални компјутери.

Суперкомпјутерите на тој начин можат да решаваат многу сложени задачи, на кои претходно ниту една друга информатичка технологија не била применлива.

Овие задачи вклучуваат машинско учење, препознавање на облици, симулирање на различни системи и феномени од природата, предвидување на настани во иднината и друго.

Суперкомпјутерите се користат во медицината, астрономијата, економијата и многу друго.

intervju-anis-sefidanis-12.jpg

На кои други ваши досегашни проекти сте горди?

Од многуте проекти на кои сум работел, оние кои успеваат совршено да го поврзат минатото со иднината во сублимна дигитална уметност ми се омилени.

„Охридски преданија од иднината“ – научнофантастична збирка која преку текст и илустрации детално го предвидува градот на светлината во 27-миот век.

Мотивите кои се застапени во расказите вклучуваат хуманоидни роботи, бесмртни трансхуманисти, тајни интерпланетарни организации, вонземски цивилизации, а сите дејствија се случуваат на археолошки локалитети во Охрид.

intervju-anis-sefidanis-24.jpg

Легендите, личностите, градбите и сè останато е целосно генерирано со помош на вештачка интелигенција на Суперкомпјутерот во лабораториите на Сефиданис во Охрид.

Експериментот имаше за цел да ја стави ВИ на познатиот Тјурингов тест, за да одговориме на прашањето: Можат ли андроидите да сонуваат за Охрид?

intervju-anis-sefidanis-15.jpg

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Јасмина Цветковска 9 години живее во Сиднеј: „Како инженер лесно најдов работа, но проблем се скапит... „Дипломите од природните науки, машинските струки, архитектура, електро-инженерс...
Елена од Кавадарци е мејкап артистка во САД: „Не планирав да се селам, тука заработката е поголема и... „Во САД најчесто само невестата, девериците и мајките најмуваат шминкер за свадб...
Паша од Тајланд ја посети Македонија: „Бев на свадба кај најдобрата другарка Македонка, восхитена су...  „Македонците навистина ги почитуваат и им помагаат на постарите луѓе. Тоа ...
Французинката Олга 2 пати го посети Скопје: „Македонците се прекрасен народ“ „Ми се допадна културата, мешавина помеѓу оксидент и ориент, природата, византис...
Сипхокази Трпкоски од Јужноафриканска Република е македонска снаа: „Сакам пастрмалија и ракија, Охри... „Македонската свадба е за мене е најубавата македонска традиција. Многу е убаво ...
Натали, археолог од Франција: „Македонците се многу гостопримливи, помалите градови ми се поубави од...   „Македонците генерално се со отворен ум и секогаш пријателски настроени, ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg