Спасено 4-годишно девојче од Македонија на грчка плажа - доктори херои од Србија спречиле трагедија
- Детали
- вторник, 24 јуни 2025
„Бев во водата со син ми, кога во еден миг видов како родители изнесуваат девојче од околу четири години, без свест. Веднаш сфатив дека е нешто сериозно, им пријдов“, раскажува доктор Саша Костиќ кој со помош на колешка спасил девојче од Македонија на плажа во Неа Врасна. Според српските медиуми, девојчето веднаш било пренесено и во болница, каде состојбата му била стабилизирана.

Во петокот (20.06) на плажа во Неа Врасна во Грција била избегната вистинска трагедија.
Девојче од Македонија било извадено од водата без свест, но благодарение на двајца лекари од Србија кои реагирале веднаш, било спасено.
Како што пренесуваат српските медиуми, девојчето имало срцев застој, па вистинска среќа било што медицинскиот техничар Саша Костиќ бил на истата плажа и веднаш укажал прва помош.
Девојчето, кое имало само четири години, било спасено и потоа хоспитализирано.
За српската телевизија Prva, херојот даде изјава во која открива како сè одвивал целиот инцидент. Вели, штом го здогледал девојчето без свест, веднаш знаел дека станува збор за нешто сериозно и истрчал да помогне.
„Бев во плиткото со син ми, кога во еден момент видов како родители изнесуваат девојче од околу четири години, без свест. Веднаш сфатив дека станува збор за сериозна ситуација, им пријдов. На помош ми дојде и колешка која е докторка на Инфективната клиника, докторка Душка Стојановиќ.
Забележавме дека детето е во сериозна животна опасност, дека нè делеше секунда. Веднаш почнавме со реанимација. Забележавме грчење на мускулите на вилицата, помисливме дека имала некој напад или нешто слично и веднаш почнавме со реанимација.
Ова траеше некои две минути. Успеавме да ги отвориме дишните патишта, да го вратиме чукањето на срцето и девојчето, да речам, оживеа во тој миг.
Потоа пристигна спасувачкиот тим кој беше на самото место, во близина. Ни ја донесоа целата потребна дополнителна опрема за да ги спречиме сите компликации кои се случуваат при давење.
Спречивме да настане хипотермија, а го обезбедивме и одржувањето на кислородот во белите дробови. По околу пет минути, стигна брза помош.
Девојчето веќе беше свесно, дишеше, ја држевме будна. Зборувавме со неа постојано, па итно беше пренесена во најблиската болница, каде ја добила целата потребна нега“.
Кликнете на објавата за да го изгледате видеото:
Според последните информации од српските медиуми, девојчето уште е во болница, но се очекува да биде пуштено во наредните неколку денови.
Спирова С. | Црнобело