Туристка предупредува за познат локал на Миконос: „Ми наплатија 1.000 евра за 3 оброка, во менито имаат други цени“
- Детали
- среда, 09 јули 2025
„За една риба ни наплатија 350 евра, а за три оброка – 1.000 евра. Ни на најубавото место на островот не добивме толку висока сметка, и тоа за вечера за пет луѓе“, вели гневна туристка за озлогласениот локал DK Oyster, кој со години наназад има лоша репутација бидејќи пробува да измами гостите.

Миконос е една од поатрактивните дестинации за летување во Грција и факт е дека цените на островот се повисоки.
Но, постои локал кој со години наназад е критикуван од туристите не само поради високите цени, туку и трикот што го користи за да ги намами луѓето и да им земе повеќе пари.
Неодамна, туристка напиша лоша рецензија за локалот на TripAdvisor со цел да ги предупреди другите кои планираат да го посетат островот.
Таа го посетила ресторанот DK Oyster и вели дека ова ѝ било најлошото искуство на познатиот остров.
На жената ѝ наплатиле над 1.000 евра за само три оброци, додека во менито биле наведени многу пониски цени.
„За една риба ни наплатија 350 евра, а за три оброци – 1.000 евра. Ова е најлошото место на Миконос бидејќи дури ни во Scorpions, едно од најубавите места на островот, не ни наплатија толку за вечера за пет луѓе со главно јадење и десерт“, пишува гневната туристка.
Проблемот е што во менито на ресторанот цените се напишани за мала количина – на пример, за 100 грама морска риба пишува дека е 24,8 евра.
Но, порциите што ги носат се многу повеќе од 100 грама, а туристите не се свесни за тоа.
На TripAdivsor и други луѓе кои го посетиле локалот споделуваат лошо искуство.
„Келнерот ни донесе пијалак што не го порачавме и ни рече дека е подарок од локалот. Ни изгледаше како пријателски гест, сè додека не видовме дека ни го наплатиле. Ни наплатија 400 евра за неколку пијалаци, вклучувајќи и 35 евра за обична Кока-кола“.
„Бев во ресторанот во јуни 2024-та. Не ни кажаа дека ја наплаќаат рибата според тежината и ова ни стана јасно кога добивме сметка од 400 евра. Ни послужија риба потешка од еден килограм“.
„Ни рекоа дека за ручек и лежалки треба да платиме 35 евра. Но, кога порачавме две мали шишиња вода и Кока-кола, додадоа уште 51 евро на сметката. Потоа додадоа уште 5 евра за кечап и 18 евра за мал помфрит“.
Ресторанот е убаво среден, но измамените туристи истакнуваат дека не е луксузен и дека цените во менито на прв поглед изгледаат нормално и достапно и за луѓе кои не се богаташи.
Но, поради триковите што ги користат, ретко кој плаќа помалку од 100 евра, дури и само за пијалак.
Притоа, туристите истакнуваат дека во ресторанот не нудат луксузни пијалаци или храна, туку само непотребно ги продаваат поскапо, како мало шише Кока-кола за кое бараат и над 50 евра.
„Ресторанот е измама. Порачав два сока кои пишуваше дека се по 14 евра. Не користев лежалки и бев во локалот само девет минути, а кога ја добив сметката не беше 28 евра, туку 152!
Кога прашав зошто е толку висока, ми кажаа дека секоја Кока-кола била 76 евра. Им покажав дека во менито стои друга цена, но келнерот ми кажа дека тие цени не важеле денес“.
Бидејќи ресторанот е веќе озлогласен, минатото лето Daily Mail откри дека испратиле свој новинар да го провери. Според искуството на новинарот, за разлика од другите луксузи ресторани во Миконос, DK Oyster изгледа и потпросечно, дур и во споредба со поевтини ресторани.
Келнерот му донел мени дури откако нарачал пиво. Во менито, грчка салата чинела 28 евра, додека обична Цезар салата чинела 34 евра.
Морските специјалитети биле уште поскапи и некои достигнувале и цена од над 800 евра.
Дури најдоле на менито, со ситни букви било напишано дека цените се однесуваат на 100 грама, додека минималната нарачка била 480 грама.
На TripAdivsor ресторанот има оценка 2/5, а дури и во рецензиите од годинава, повеќето истакнуваат дека биле измамени во локалот.
Спирова С. | Црнобело