Бебе од Србија се задушило од храна и починало во болница: Одмор на Халкидики се претворил во кошмар
- Детали
- четврток, 17 јули 2025
Според српска туристка која сведочела на страшниот инцидент, бебе на возраст од околу една година се задушило сo кикиритка во локал на плажа на Халкидики. На Фејсбук, таа прашува дали некој има информации и, за жал, друга туристка само потврди дека бебето починало во болница.

Во вторникот (15.07) семеен одмор на Халкидики се претворил во трагедија за семејство од Србија.
Во малото гратче Ормос Панагијас починало 13-месечно бебе откако се задушило од храна.
Како што споделија грчките медиуми, 32-годишната мајка и 31-годишниот татко биле во локал на плажа со нивното бебе, кога тоа почнало да се задушува.
Испаничени, родителите пробувале да му помогнат на бебето, а веднаш била повикана и брза помош.
Инцидентот се случил околу 18 часот, но, за жал, кратко откако бебето било однесено во болница, починало.
Според некои извори, бебето се задушило од кикиритка, а трагичниот настан се одвивал пред очите на родителите и гостите во ресторанот.
На Фејсбук страницата Grčka Info беше споделена и порака од туристка од Србија која сведочела на страшниот настан.
„Здраво, дали можеби знаете што се случило со бебето од Србија? Денес на плажата Trani Ammouda се задуши од кикиритки, има околу една година.
Го однесе брза помош, спасувач немаше никаде, но фала Богу имаше докторка која беше во близина, па му даде прва помош. Многу се исплашивме“.
Во коментари на објавата од пред еден ден, повеќето корисници му посакуваат оздравување на бебето, но една туристка потврдува дека бебето, за жал, починало.
На социјалните мрежи се јавија и критики кон родителите, но во коментарите на објавата една туристка истакнува дека тие добро се грижеле за нивното детенце.
„Родителите беа прекрасни и внимаваа на детето цел ден. Не го испуштаа од раце, мислеа на сè, бебето имаше капче и маичка за да не изгори.
Сигурно се случило во една секунда кога ја ставило кикиритката во уста. За жал, може да му се случи на секого, не треба да ги осудуваме родителите!“
Според последните информации, полицијата уште работи на случајот и истражува како дошло до тажниот инцидент.
Спирова С. | Црнобело