Ако одите на продолжен октомвриски викенд во Солун: Кои денови се неработни?
- Детали
- вторник, 21 октомври 2025
Ако неработниот 23 октомври го искористите за продолжен викенд во Солун, споделуваме информација која може да ви биде корисна околу неработните денови во градот до крајот на октомври.

По повод неработниот ден 23 октомври, веруваме дека многу наши граѓани ќе го спојат викендот и ќе го искористат за патување во нашата земја или во регионот, но и подалеку.
Со оглед на тоа што Солун е честа дестинација за викенд прошетки и шопинг, добро е да знаете кои денови се неработни доколку го посетите викендов.
Денот недела е неработен во Солун, со исклучок на конкретни датуми кога голем дел од продавниците и моловите ги отвораат своите врати за купувачите, посебно за време на попусти.

Во 2025-та, преостанатите датуми до крајот на годината кога неделите ќе бидат работни се: 30 ноември (неделата пред божиќната сезона да почне), 14, 21 и 28 декември, односно последните две недели пред Божиќ и последната недела од годината.
За оние кои ќе патуваат викендов, добро е да знаат дека на 26 октомври, во Грција се празнува Свети Димитри, заштитник на Солун, па токму затоа овој ден се смета и за слава на градот и тој ден (недела) нема да биде работен.

Исто така, 28 октомври е национален празник во цела Грција, познат како „Охи (не) ден“, кога се одбележува одбивање на италијанскиот ултиматум во 1940 година.
Тој ден исто така е неработен, а во Солун постои можност многу продавници да го спојат празникот и да не работат ниту во понеделник на 27 октомври.

Па, доколку сте отидени за шопинг искористете ги 23, 24 и 25 октомври, а во недела, иако продавниците не работат, отворени ќе бидат рестораните, таверните и кафулињата, кои ќе работат со полн капацитет.

М. М. | Црнобело / фото: depositphotos.com