Детали за трамвајската несреќа во Сараево: Загинал 23-годишен студент, на девојка (17) ѝ ја ампутирале ногата
- Детали
- петок, 13 февруари 2026
Надлежните споделија дека нема да откриваат детали за несреќата додека трае истрагата, но познато е дека загинатата личност е млад студент кој студирал ликовна уметност. Од четворицата повредени, во најлоша состојба е 17-годишна девојка на која морало да ѝ се ампутира ногата и која уште е на интензивна нега.

Синоќа (12.02) на Јутјуб беше објавено вознемирувачко видео од трамвајска несреќа која се случила во Сараево.
Несреќата се случила вчера, а видеото е снимено од автомобил кој стоел на семафор на раскрсница.
На морничавото видео се гледа како трамвајот излетува од шините во центарот на градот и силно удира во автомобил.
Во несреќата загинало едно лице, а четири биле повредени, од кои едно е во тешка состојба.
Надлежните уште работат на утврдување за причина на несреќата, а во меѓувреме го привеле возачот на трамвајот.
„Поради постоење на основа за сомневање дека сторил тешко кривично дело против безбедноста во јавниот сообраќај, поврзано со кривичното дело загрозување на јавниот сообраќај, возачот на трамвајот А. К. (1978) е лишен од слобода“, стои во официјалното соопштение на надлежните.
Некои босански медиуми споделија дека по несреќата, возачот бил пренесен на психијатриска клиника и тврдел дека не се сеќава на ништо.
Од обвинителството, пак, велат дека нема да изнесуваат други детали додека трае истрагата.
Како што споделува босанскиот медиум Index, од снимката е јасно дека трамвајот се движи го голема брзина, иако во таа област ограничувањето на брзината за трамваите била 10 километри на час.
Според првите процени, покрај големата брзина, друг фактор во несреќата можеби е и лошата состојба на трамвајот кој бил многу стар.
Денес се потврди дека загинатото лице е 23-годишен дечко – Ердоан Моранкиќ од градот Брчко, кој во Сараево студирал ликовна уметност.
За босанските медиуми, колеги од факултет го опишуваат како талентиран уметник кој минатата година ја имал својата прва изложба во Сараево.
„Никогаш не се случило да ме одмине и да не ме поздрави На сите им помагаше и сите го фалеа.
Во шок сме и не можеме да веруваме што се случи“, изјави колега на загинатиот студент кој посакал да остане анонимен.
Некои босански медиуми споделуваат дека загинатиот студент е син на Арман Моранкиќ, пејач од Брчко кој во 2024 година се прослави во Босна и Херцеговина со учеството во емисијата Nikad nije kasno и стигна до финале.