Српска пејачка (40) за животот со мултиплекс склероза: „Едно утро се разбудив речиси слепа, 2 години не знаеја што ми е“
- Детали
- петок, 26 јуни 2026
„По породувањето чувствував дека сум многу послаба, немав сила. Мислев дека тоа е нормално, сè додека едно утро не се разбудив речиси слепа. Лекарите утврдија дека сум изгубила околу 80 проценти од видот на едното око. Така започна сè“, вели Дорис Бизетиќ (40).

Дорис Бизетиќ (40), пејачка од регионот која била најактуелна во деведесеттите, со години води тивка, но упорна борба со тешка болест што целосно ѝ го променила животот.
Иако од 2011 година се соочува со сериозни здравствени предизвици, таа не се предава, туку се труди да го балансира животот меѓу улогата на посветена мајка и уметница, опкружена со семејството и пријателите кои ѝ даваат сила и поддршка.
Првите симптоми ѝ се појавиле кратко по раѓањето на нејзината ќерка Анабела во 2010 година.
Шест месеци по породувањето почувствувала силна физичка слабост, која првично ја припишувала на закрепнувањето по породувањето.
Но, во летото 2011 година се разбудила речиси без вид на едното око.

„По породувањето чувствував дека сум многу послаба. Мислев дека тоа е нормално, сè додека едно утро не се разбудив речиси слепа.
Лекарите утврдија дека сум изгубила околу 80 проценти од видот на едното око. Така започна сè“, раскажала таа.
Поставувањето на точната дијагноза траело речиси две години.
Лекарите најпрво се сомневале на вирусни инфекции, па дури и на Лајмска болест. Ниту магнетните резонанци не дале јасен одговор.
„Две години одев на контроли и прегледи. Не знаев што ми е, а знаев дека сум болна. Тоа беше многу тешко.
Конечно, во 2013 година, по една анализа, ми потврдија дека станува збор за мултиплекс склероза.
Во тој момент почувствував и олеснување, бидејќи конечно знаев со што се соочувам...“

Денес Дорис јавно зборува за болеста за да ја подигне свеста и да ги охрабри другите луѓе кои живеат со истата дијагноза.
„Понекогаш ми се тресат рацете, ми се грчи коленото, но долго време го криев тоа.
Сега сакам луѓето да знаат дека и со мултиплекс склероза може да се живее и да се размислува позитивно“.