„Животните во Зоолошка завиваа, бевме деца, си мислевме нè бомбардираат“: Земјотресот од 1963-та низ сведоштва на скопјани

„Дедо ми Стојан беше повреден, крвареше од главата, бидејќи дрвен корниз за завеса му паднал врз главата. Го однесоа во болница во Куманово. Ранетите ги собираа во камиони и ги носеа низ градовите“, вели за CRNOBELO.com Катерина Петровска, сведок на катастрофалниот земјотрес во Скопје кој се случи на 26 јули 1963-та.

zemjotresot-od-1963-ta-niz-svedoshtva-na-skopjani-se-sekjavam-na-sredbata-so-roditelite-koi-ne-znaeja-dali-decata-im-prezhiveale-01.jpg

Денес, 26 јули 2023, се одбележуваат 60 години од денот кој засекогаш остави болна трага кај скопјани – катастрофалниот земјотрес кој го разори градот.

Мирната ноќ во 5:17 часот ја прекина ужасниот земјотрес од 9 степени според Меркалиевата скала, а 6,1 степени според Рихтеровата скала. Околу 1.000 жители ги загубија животите, а огромен број луѓе останаа без кров над главата.

По 26 јули 1963 година, Скопје веќе не е исто. Срцата на скопјани застанаа за миг, а земјотресот засекогаш остави трага во спомените, болна рана која никој не сака да се повтори.

zemjotresot-od-1963-ta-niz-svedoshtva-na-skopjani-se-sekjavam-na-sredbata-so-roditelite-koi-ne-znaeja-dali-decata-im-prezhiveale03.jpg

Секоја година на овој ден, скопјани со болка во срцето се присетуваат на моментите на страв, паника и солзи на лицата на луѓето кои преживеала, но останале без најблиските. Се сеќаваат на надежта за нов, мирен ден и желбата – никогаш да не се повтори!

Ова се сведоштвата на Елизабета Поповска, Катерина Петровска и Бранислав Јовановски, тројца скопјани кои биле деца кога се случил најзлокобниот ден во поновата историја на градот.

zemjotresot-od-1963-ta-niz-svedoshtva-na-skopjani-se-sekjavam-na-sredbata-so-roditelite-koi-ne-znaeja-dali-decata-im-prezhiveale02.jpg

И 60 години по земјотресот, Елизабета Поповска има живи слики во главата за катастрофата која го разурна Скопје:

„Имав 4 години кога се случи скопскиот земјотрес. Се сеќавам дека во тоа време живеевме во населбата Кисела Вода. Веднаш излеговме од зградата, па ноќта спиевме во дворот. Земјата се тресеше многупати, тоа паметам како да беше денес.

Следниот ден во Скопје стигна дедо ми од Србија. Тргнал веднаш штом ги слушнал вестите. Ние тогаш бевме веќе сместени под шатор во кругот на Клинички центар. Моите родители беа лекари и беа ангажирани со повредените од земјотресот. Се израдував кога го видов. А и тој беше пресреќен дека сме живи и здрави.

Ми остана во сеќавање дека лежеше на полскиот кревет во шаторот за да се одмори затоа што патувал цела ноќ со воз за да види дали сме повредени. А јас го мачкав со зрели вишни, божем е повреден, го имитирав тоа што сум гледала во кругот на клиниката. Дете.

За среќа нашата зграда не беше воопшто оштетена, беше означена со три зелени линии. Татко ми потоа ми раскажуваше дека од земјотресот била скршена само една вазна.

Јас брзо потоа заминав со дедо ми во Србија, во село Меховине каде тој беше поп. Таму останав цело лето. Моите родители, пак, останаа во Скопје на работа“.

zemjotresot-od-1963-ta-niz-svedoshtva-na-skopjani-se-sekjavam-na-sredbata-so-roditelite-koi-ne-znaeja-dali-decata-im-prezhiveale07.jpg

Слично сеќавање има и Катерина Петровска, која имала 7 години кога се случил разорниот земјотрес:

„Колку памтам, можам роман да напишам. Имав 7 години, бевме кај баба ми и дедо ми со сестра ми Весна која тогаш имаше две години и двајцата братучеди Зоран (6) и Тони (2). Родителите претходниот ден ни беа заминати на патување низ Европа, а ние во Центар кај Буњаковец со баба и дедо. Страшното завивање на животните во Зоолошката градина ми е останато во сеќавање. Тие претчувствуваат земјотрес секогаш.

При првиот потрес влезната врата се заглавила и не сме можеле да излеземе. Баба ми прво мислеше дека е бомбардирање. Потоа сфатила дека е земјотрес. Се сеќавам дека нѐ пикна под големата трпезариска маса изработена од масивно дрво. Во меѓувреме сите комшии излегле на улица и викале под прозор да излеземе. Баба ми нѐ спушташе едно дете по едно низ прозорецот. Памтам дека соседите не преземаа во раце. Вториот, катастрофалниот потрес, веќе бевме на улица. Сите луѓе боси, по пижами, некои само по гаќи.

Најстрашен момент ми беше кога пред мои очи се сруши цела зграда, а беше нова од мермер и стакло, како кула од карти падна, за една секунда. Мислам дека била Општина.

Дедо ми Стојан беше повреден, крвареше од главата од дрвен корниз за завеса кој му паднал на главата. Го однесоа во болница во Куманово, ранетите ги собираа во камиони и ги носеа низ градовите. Ние бевме пренесени во Градски парк. Таму спиевме под војнички шатори неколку денови, таму ни даваа храна, вода.

Нашите родители штом ја поминале Југославија, некаде во Италија застанале да преспијат. Утредента татко ми отишол да купи весници и на насловна страна на сите весници била карта на Југославија со огромна црна точка кај Скопје. Веднаш тргнале назад. Но, замислете, немате никакви информации дали ви се живи децата, се молеле да сме живи и здрави. Памтам кога не најдоа во паркот да не земат. Мајка ми од тогаш, бидејќи земјотресот беше во петок, решила дека ако не најдат живи, нема да работи ништо низ дома во петок и секогаш постеше.

Куќата беше обележана со црвени линии, ризична за рушење. Баба ми остана потоа до живее во едно мало куќиче во самиот двор што им служеше како остава.“

zemjotresot-od-1963-ta-niz-svedoshtva-na-skopjani-se-sekjavam-na-sredbata-so-roditelite-koi-ne-znaeja-dali-decata-im-prezhiveale06_copy.jpg

И Бранислав Јовановски има јасни сеќавања за злокобната ноќ од 26 јули 1963. Тој имал 8 години кога се случил земјотресот.

„Вечерта пред земјотресот, на 25-ти јули, се вративме во Скопје од летувањето во Охрид. Јас не се вратив дома со моите, туку останав да спијам кај моите кум и кума, во населбата Центар.

Кога почна земјотресот, прво си помислив дека некој нè бомбардира. Бев дете и во глава ми останале тие работите што ги учевме на училиште за Втората светска војна.

Кога сфативме дека е земјотрес, избегавме од дома и заедно со многу луѓе се собравме во еден двор, кој се наоѓаше спроти денешен Рамстор. Кој по пижами, кој по долна облека, како се затекнале во времето на потресот.

Подоцна ми кажаа дека кога се случил земјотресот татко ми избегал од дома и ги оставил мајка ми и сестра ми во собата. Тој веќе преживеал еден силен земјотрес во Букурешт, каде што е роден, и го фатила паника, не знаел како да реагира.

Беше страшно, изрушени куќи, вресоци од сите страни, луѓето кои бараа преживеани под урнатините. Во мојата фамилија, за среќа немаше загинати.

Неколку ноќи потоа спиевме во шатори во Градскиот парк, додека да се смири тлото. Во еден шатор имаше по 25-30 луѓе. Помош пристигнуваше од сите страни, се делеа хуманитарни пакети. Чекавме во колона да ни дадат пакетче, да видиме што има во него.

А бидејќи бевме сместени во паркот, секој ден одевме во зоолошката да ги храниме животните. Нам децата тоа ни беше доживување и ни ги оттргнуваше мислите од трагедијата која нè задеси сите“, вели тој.

zemjotresot-od-1963-ta-niz-svedoshtva-na-skopjani-se-sekjavam-na-sredbata-so-roditelite-koi-ne-znaeja-dali-decata-im-prezhiveale04.jpg

А. Ј. | Црнобело / Фото: Stari Skopjani; приватна архива

Би можело да ве интересира:

Македонката Андреа Кидд, фитнес тренер во Дубаи: „Се занемарив и имав депресија - ми требаа 10 годин... „Благодарна сум за секој успех, пад и сѐ што ми застана на патот и ме направи то...
„Се молам да не заплачам додека пеам“: Ивона Јо ги испеа омилените песни од Тоше во Крушево „'Игри без граници' и 'Полско цвеќе' не можам да ги пеам, да дадам емоција, а да...
Дедо Ѓорѓи од Радовиш наполни 100 години - Секој ден пешачи, денот го започнува со мед и млеко „Тој постојано пешачи и се труди секој ден да има умерена физичка активност. Нај...
Не се знае која е поубава - Познати дами од Македонија и нивните ќерки Некои се модели, некои актерки и пејачки, а некои се држат далеку од шоу - бизни...
Миа Костова гневна откако нејзиниот син бил жртва на врснички булинг - ѝ се обрати јавно на мајката ... „Андрија на училиште добил многу грозен коментар од дете од клас. Не од оние рег...
Кристина Димитри по јавните критики на нејзина сметка: „Поминав низ пекол, јас сум и мајка и татко н... „Жените денес не знаат што сакаат. Живеат од парите на мажот, а мислат дека се б...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg