Денес се слави Свети Климент Охридски – Бил рамен на апостолите, го описменувал народот

Именден слават Климент, Климе, Климентина... Кој бил големиот македонски светец, кој се смета за заштитник на Македонија и Охрид?

se-slavi-sveti-kliment-ohridski-bil-ramen-na-apostolite-go-opismenuval-narodot-01.jpg

Македонија денес (8.12) го слави Свети Климент Охридски, светецот кој се почитува како заштитник на Македонија, Охрид и Македонската Православна Црква, па во негова чест и соборниот храм во Скопје го носи токму неговото име.

За Свети Климент Охридски се знае дека бил ученик на светите учители Кирил и Методиј, кој по нивната смрт го продолжил нивното дејствие и ја основал Охридската книжевна школа која е позната и како „Прв словенски универзитет“ од кој излегле 3.500 ученици, па затоа се смета и за покровител на образованието и јазикот.

Климент дејствувал во времето кога сѐ уште постоел голем отпор кон христијанството како религија на овие простори и затоа се верува дека е рамен на апостолите, затоа што слично како христовите апостоли го ширел христијанството и религијата меѓу словенските народи, и тоа на јазик што им е познат.

se-slavi-sveti-kliment-ohridski-bil-ramen-na-apostolite-go-opismenuval-narodot-02.jpg

Се верува дека Климент директно соработувал со Кирил и Методиј во пишувањето на „глаголицата“, а учествувал и во Моравската и Хазарската мисија на светите браќа, ги преведувал светите книги и напишал голем број свои книжевни дела.

Се верува дека по смртта на Константин (Кирил), Климент останал да работи заедно со Методиј и тие заедно 15 години поминале во Панонија и Велика Моравија.

Според некои извори, токму тука Свети Климент го запишал „Опширното житие на Св. Кирил“, или му помагал на Методиј при пишувањето на текстот.

По смртта на Методиј, Свети Климент и Горазд требало да го продолжат дејствието во Моравија, но со доаѓањето на папата Стефан V, словенската писменост била забранета во Велика Моравија, а учениците на словенските учители биле протерани.

se-slavi-sveti-kliment-ohridski-bil-ramen-na-apostolite-go-opismenuval-narodot-03.jpg

По враќањето назад, Климент од страна на бугарскиот цар Борис бил испратен да стане учител во областа Кутмичевица која се наоѓала помеѓу западните граници на Охридското и Преспанското Езеро, каде ја основал Охридската книжевна школа.

Во период од седум години, Климент поминал дел од своето време проповедајќи го евангелието помеѓу населението.

Тој посветил уште еден дел од своето време на поучување на глаголицата, а неговите поталентирани студенти биле избрани за подетално теолошко усовршување и поклонување на свештенството.

Во времето на владеењето на Симеон Велики, Климент бил назначен за епископ на Дрембица или Велика, но продолжил да одржува контакт со манастирот што го основал во Охрид и се повлекувал таму за одмор и за молитва.

Климент починал на речиси 80-годишна возраст на 27-ми јули во Охрид и бил закопан во гробот што сам си го подготвил во манастирот „Свети Пантелејмон“.

se-slavi-sveti-kliment-ohridski-bil-ramen-na-apostolite-go-opismenuval-narodot-04.jpg

На почетокот неговото успение се славело на 27-ми јули, а потоа било одлучено да се слави на денот на неговиот именден, односно на Свети Климент Римски на 8-ми декември.

По неговата смрт, народот веднаш почнал да го слави, па така за неговото име се врзуваат голем број легенди и преданија.

Се верува и дека освен што ги описменувал Словените, Климент исто така ги оплеменил овошните дрвја, па затоа денес во Охрид и охридско има дрвја какви што не можат да се најдат никаде на друго место.

Многумина раскажувале дека тој имал моќ да лекува со допир, со лековити води или со лековити билки.

Преданијата раскажуваат дека секојпат кога на Охрид му се заканувала некоја несреќа, се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од разурнување и народот од страдање.

Б. С. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Кирил Ангелов, жртва на педофил од Велес, ќе пешачи 111km за кревање на свеста за сексуалното злоста... „Организирам пешачење за подигнување на свеста за сексуално злоставување на деца...
Дарио Ивановски: „На 18 години победив на трка во Кичево и освоив бик - го продадов за да си купам а... „Ме седнува менаџерот и вели: 'Во Кичево имаат традиција старите селани, се...
Згрозувачка сцена од салон за маникир во Македонија – техничарка за нокти со апел: „Опасно е ако ви ... „Дел од девојките ја прават најголемата грешка кога ќе се решат да започнат сами...
Трогателна исповед на маж (39) од Велес, кој бил жртва на педофил, но и жртва на семејно насилство о... „Ти се свиѓаше силувањето а? Уште сакаш а?“ рекоа троловите зад скриените профил...
Лежалка 300 денари, нескафе 220 денари: Какви се цените во Охрид ова лето 2025? Мала лименка пиво на плажа ќе платите 190 денари, а кафе американо 220 денари......
Миа Костова со синот: „Пред 10 години во Охрид со старките за кои собирав пари и ги носев само ако з... Миа Костова за тоа како се справувала како самохрана мајка и го растела Андрија ...

Најчитани неделава