Миа Костова раскажа како ослабела 17kg за 10 месеци: „Не држам диета, бројам калории - сè е во главата“ (видео)
- Детали
- вторник, 25 јуни 2024
„Првото јадење ми е накај 2-3 попладне, зашто до тоа време не чувствувам глад откако ќе се напијам едно кафе со мед, иако станувам рано, околу 6-7 наутро. Ако на ручек јадам месо со салата или само голема салата, ако сум во калориски дефицит, си дозволувам уште еден оброк, околу 6-7 часот попладне“, вели во видео Миа Костова каде зборува за својот процес на слабеење кој трае веќе 10 месеци.
Инфлуенсерката Миа Костова на својот профил на Инстаграм објави 15-минутно видео во кое детално одговара на прашањата на своите следбеници поврзани со нејзиното слабеење, кое предизвикува голема дебата на социјалните мрежи.
Миа најпрво објави две фотки преку кои ја покажа разликата меѓу минатото лето и сега, кога има скоро 17 килограми помалку, па ги повика сите што сакаат да ја прашаат нешто во однос на слабеењето, да го направат тоа.
Во видеото насловено „Како ослабев 17 килограми“, Миа неколкупати повторува дека „сè е во главата“ и дека кога ќе расчистиш со себе дека нешто не треба да се јаде или дека нешто не е добро за тебе, тогаш е многу подобро.
Таа нагласува дека не ослабела со диета, ниту со конкретен режим на исхрана, туку дека избрала „калориски дефицит“ поради што внесува малку калории во текот на денот.
Миа неколкупати повторува дека сето ова е индивидуално и дека неа лично не ѝ годат диети, строг режим на исхрана, мерење количина на намирници при оброците или точно пропишано време кога треба да се јаде.
Но, важно е да се нагласи, исто како што вели и самата, дека овој начин на слабеење не е добар за секого и дека не секој треба да го пробува, без претходно да се консултира со стручно лице.
Во продолжение дел од нејзините одговори на прашањата поврзани со нејзиното слабеење:
„Ова видео го снимам за да не ја отвораме повеќе темата, затоа што мислам дека е застарена, а почнавме да зборуваме за тоа некаде во октомври, кога почнав да ги симнувам килограмите.
И кога и да објавам некаква трансформација, постојано имам некаков наплив во инбокс за тоа како сум симнала 16 килограми отприлика до денес.
Јас не сум нутриционист, јас немам апсолутно никакво познавање од оваа тема, не сум фитнес тренер, ниту можам да давам совети кои веројатно ќе ве ослабнат здраво.
Јас сум само еден паталец кој едно трипати во животот варира со по едно 30 килограми - многу погрешно, немојте да го правите тоа.
Сè што ќе слушнете во продолжение, а е одговор на вашите прашања, земете го со резерва и консултирајте се со стручно лице.
Во мојов случај не сметам дека се работи за изгладнување, но сметам дека можеби имате поздрав и полесен начин - со вежбање, балансирана исхрана и она што ќе ве донесе до посакуваниот ефект.
А она што е најважно е, всушност, дека сè е во главата“, почнува Миа.
Таа вели дека не знае да функционира со диета напишана на ливче, туку дека сака да се координира според тоа како ѝ тече денот.
„Ако сакам да седнам во кафана, ќе јадам нешто што мене ми одговара, ако сакам да се напијам вино, ќе се напијам.
Едноставно, мојот баланс и она што знам да го пресметам, многу подобро ми влијае, отколку било што на ливче. Немам режим, но целата приказна што ја споделувам овде е ‘калориски дефицит’.
Ако вежбате и трошите 2 саата во теретана, тогаш калорискиот дефицит е многу поинаков од оној мојот, со лежење и понекогаш не повеќе од 1.000 чекори во денот.
Јаглехидратите апсолутно ги избегнувам, вино пијам колку сакам, некогаш можам да испијам 2 чаши, некогаш можам и 5, но си ги пресметувам во калории. Ако шише вино има 700cal, оставам до крајот на денот да внесам уште 500“, вели Миа.
Таа откри дека секој ден ѝ почнува со кафе со мед и според неа, медот ѝ надокнадува за шеќерите и енергијата која ѝ е потребна, но додава и дека од благи работи не јаде апсолутно ништо.
За сето ова време, Миа не вежба, но вели дека тоа е грешка.
„Следно ми е - некогаш да засакам да вежбам. Но, ако не смените начин на исхрана, може да бидете во теретана 7 пати неделно, бев јас, и не симнав ниедно кило.
Точно, телото се менува, мускулната маса е подобра и телото изгледа подобро, но килажата останува иста.
Јас влегов во теретана со 72 кила, престанав да вежбам после цели 10 месеци, седумпати неделно, и имав 74 кила. Ако нешто ви значи - сменете ја исхраната ако почнувате со вежбање“.
Миа вели дека за неа „број 1“ за слабеење е броењето калории.
„Ако сакаш да ослабеш, мора малку да ти закрчат цревата. Јас знам која храна - колку калории има. Јас сум човек што сака да се најаде, па така, гледам тоа што го јадам да е што е можно помалку калорично, за да можам да изедам повеќе“, открива таа и вели дека јаде „чиста храна“.
„Во последниве месеци ги исфрлив и млечните производи, кои, мора да признаам дека многу ме дуеја, односно, сум склона на задршка на течности, но тој проблем го немам во последниов месец.
Инаку, јадам месо, јадам многу зеленчук во секаква варијанта, риба, јадам овошје понекогаш, но во ограничени количини“.
Таа сепак открива дека и покрај тоа што ослабела многу, има целулит.
„Ќе ви советувам никогаш да не уплаќате третмани било каде, ако не сте решени да престанете да јадете“, вели Миа.
Додава и дека не паѓа под искушение да проба нешто што би ѝ го нарушило начинот на кој се храни во моментов.
На прашањето за психолошкиот аспект, односно што си вели самата на себе кога ѝ се јаде, Миа вели:
„Кога е нешто што многу го сакам, а тоа се тестенини, тирамису, сладолед, некоја пита добра, некој вруќ леб, кога е некое добро овчо сирење, кога храната ќе стигне на маса, си велам:
Луѓево ќе изедат сè за 10 минути. За 10 минути од овој момент јас ќе бидам нервозна и несреќна. А ако изедам, ќе бидам среќна во тие 10 минути, а после тоа ќе го откопчам копчето од фармерките и ќе се прашам што направив за 10 минути задоволство.
Не, си го повлекувам винцето, го сечам патлиџанот, ставам малку сол и правам живели. Се договарам сама со себе дека после гревот што ќе го направам, ќе бидам само помалку среќна, а среќата додека јадам трае неколку минути.
Инфлуенсерката откри дека за 10 месеци, откако почнала да слабее со броење калории, само еднаш имала cheat meal, кога поради облог изела хамбургер.
„Во колку саат ти е првиот оброк, а кога последниот?“ е едно од прашањата за Миа.
„Немам ништо пропишано. Јадам кога ќе почувствувам сериозна глад. Немам време кога јадам. Ова е најверојатно поврзано со прашањето за аутофагија.
Џабе сте на аутофагија ако во оние 8 часа кога јадете внесете 4.000 калории, ништо не сте направиле, освен што сте гладни 16 часа. 4000-те калории нема да сменат ништо во килажа, тоа сум го почувствувала на своја кожа.
Прво јадење ми е накај 2-3 попладне, зашто до тоа време не чувствувам глад откако ќе се напијам едно кафе со мед, иако станувам рано, околу 6-7 наутро.
Ако на ручекот јадам месо со салата или само голема салата, ако сум во калориски дефицит, си дозволувам уште еден оброк, околу 6-7 часот попладне. И многу е важно да знаете дека здравата исхрана не е секогаш исхрана што ќе ве ослабе.
Ако јадете чиа со путер од кикирики, овошје и засладувач во 7 сабајле, веќе сте внеле пола од калориите што треба да ги внесете во текот на денот. Ако после ова јадете еден нормален ручек без леб, а потоа и 2 јаболка со намачкан путер од кикирики, до тука веќе имате доволно калории за да почнете да се гоите, не да слабеете.
Многу често се меша здрава исхрана со исхрана што прави да ослабете. Пак ќе кажам, за мене функционира само нискокалорична исхрана. Вие денес може да изедете и 200g чоколадо кое има 1200cal, но ако не изедете ништо друго, вие ќе сте во калориски дефицит и ќе слабеете.
Дали е здраво? Не е здраво. Дали треба тоа да го правите? Апсолутно не треба. Дали треба да вежбате? Апсолутно да.
Дали со 2 саати интензивен тренинг ќе изгубите 600 калории? Да. Дали ќе ги вратите со 2 парчиња леб, салата и 2 парчиња пилешко? Да!
На вас е како ќе функционирате и на кој начин ќе ослабете. Пробајте да е здравиот начин и да се чувствувате добро. И да се консултирате со некој кој е стручен“, завршува таа.
Погледнете го целото видео:
https://www.instagram.com/p/C8mxJ7cMyrw/
А. Ј. | Црнобело