Никола од Битола ја запроси саканата Алвона на Широк Сокак: „Ме побара фраерски, пред толпа луѓе во центарот на градот“
- Детали
- петок, 30 мај 2025
„Морам да напомнам дека беше доста храбро од негова страна, пред толкава толпа луѓе, старобитолски – со стил, но и романтично, искрено, со многу солзи радосници“, за CRNOBELO.com, Алвона раскажува за изненадувањето што ѝ го приреди саканиот Никола на Широк Сокак, а откри детали и за нивната љубовна приказна.
Никола Вангеловски од Битола ѝ приреди романтично запросување на саканата Алвона Балојани, и тоа на Широк Сокак.
23-годишната Алвона има работено како модел, а сега е дел од тимот на Божиновски часовници и накит, додека саканиот Никола, кој има 34 години, менаџирал неколку ноќни клубови, а има и семеен бизнис за женска гардероба.
За CRNOBELO.com Алвона ни ја раскажа нивната љубовна приказна, а ни откри и детали за уникатното запросување:
„Нашата љубовна приказна започна пред 4 години, на 16-ти мај, точно на денот кога и ме запроси, па не случајно беше одбран тој датум.
Се знаевме долги години, фамилијарно и преку познаници, а нашата врска започна многу подоцна и сосема случајно или, како што јас сакам да верувам - судбината нè спои.
Како и за сè друго во животот, така и за љубовта сакам да тече спонтано и природно, со многу изненадувања и возбудливи моменти како овој.
И двајцата брзо и храбро влеговме во оваа врска и некако можам да кажам дека се чувствува истиот интензитет како и на почетокот, што е реткост да се задржи денес во времето во кое живееме, се надевам така и ќе продолжи.
Запросувањето навистина беше момент кој е тешко да се опише и раскаже во неколку реченици.
Беше планирано со месеци наназад и тука морам да напомнам дека ова не е прво изненадување од негова страна. За последниот мој роденден исто ми приреди забава за која не знаев ништо до самиот крај, така што доста успешно ги планира работите, особено за луѓето кои ги сака и му значат.
Се дава максимално и е познат по неговата способност за добра организација, добра забава и позитивна енергија која умее на сите да им ја пренесе.
За почеток, сите нè остави без збор, иако семејството и сите наши блиски пријатели беа запознаени, сепак мислам дека начинот на кој го изведе тоа – со три песни, на местото каде започна нашата врска (Вино Бар Буре), со многу емоција и љубов, за сите беше изненадување.
Успешно го криеше од мене благодарение на добрата организација која вклучуваше мал милион луѓе и малку безопасни лаги (хаха).
Морам да напомнам дека беше доста храбро од негова страна, пред толкава толпа луѓе, доста мангупски, фраерски, во центарот на градот, старобитолски – со стил, но и романтично, искрено, со многу солзи радосници.
Јас не насетив ништо до самиот крај - пиев кафе и разговарав со пријател кој вешто ми го одвлече вниманието, додека партнерот стана со изговор дека оди до продавница, и така сè до моментот кога за пр пат ја слушнав музиката на балконот, фрлањето ружи, нашите заеднички слики на платното кое беше испуштено од балконот и подоцна сите блиски излегуваа од некое ќоше. Дождот беше платен актер.
Бидејќи често патуваме на различни дестинации и сме дел од многу настани, не можев да претпоставам каде точно ќе ме запроси, но морам да признаам дека ниту едно друго место немаше да ја долови магијата на Битола и споделувањето радост со саканите околу нас“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





