Славчо Попоски, метеоролог: „Цела недела температури до 38˚C поради нов топлотен бран“
- Детали
- понеделник, 14 јули 2025
„Засега нема најава за поголем влажен бран кој би ја прекинал сушата, освен мала можност за краткотраен дожд во вторник“, вели Славчо Попоски за претстојната недела.

По малото заладување кон крајот на минатата недела, од денес повторно нè очекуваат екстремно високи температури.
Според досегашните прогнози, не се очекуваат пообилни врнежи од дожд кои би ја намалиле температурата на воздухот.
Во продолжение, прогнозата на Славчо Попоски за претстојната недела:
„Продолжува периодот на суша и на стабилно и суво, како и сончево време во Македонија со појава на мала до умерена локална облачност. Повремено ќе засилува и ветерот од северен правец.
Во периодот од понеделник, 14 јули, па до петок, 18 јули, ќе бидеме под топол бран од југ, односно од Африка, и истиот ќе биде поумерен за разлика од изминатиот топол бран кој ја зафати Македонија и донесе многу високи температури на воздухот, над 40 степени Целзиусови.
Во текот на оваа работна недела, додека трае поумерениот топол бран од Африка, максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 31 до 38 степени Целзиусови, додека во Скопје и околината температурата ќе се искачи до околу 37-38 степени Целзиусови. И во скопскиот регион повремено ќе засилува ветерот од северен правец.
УВ индексот во текот на оваа работна недела ќе има висока до многу висока вредност и ќе изнесува 9.
Барем отсега гледано, во најава немам никаков поголем влажен бран кој би ја прекинал оваа голема суша што ја зафати Македонија, што значи дека некои пообилни врнежи засега нема на повидок, освен утре (15 јули) како и во петок (18 јули) кога во попладневните часови ќе има услови за појава на локален краткотраен дожд и грмежи, особено во планинските предели“.
Спирова С. | Црнобело
фото: Фејсбук, freepik.com