Сара Ѓуроски за одморот во Грција со мало дете: „Немаше мирни утра со кафе, ниту читање на плажа - пелени насекаде и бегање кон море“
- Детали
- понеделник, 28 јули 2025
„Мојот распоред сега го води едно мало, радосно торнадо по име Јан, а секој одмор со него е авантура достојна за документарец. Одморите со мало дете на плажа изгледаат идилично на Инстаграм, но реалноста? Далеку побогата...“, вели Сара Ѓуроски и искрено доловува како изгледа одмор со дете од 1 и пол година.

Сара Ѓуроски е мајка на Јан (1) и за себе шеговито вели дека е CEO на „Сè ми е под контрола (барем до 9:00)“ и хроничар на мини хаосот, додека нејзиниот сопруг Стојан Ѓуроски, таткото на Јан, е менаџер за кризи и непланирани дремки.
Инаку, Сара е дипломиран филолог (чешки јазик - Филозофски факултет при Карлов Универзитет - Прага, Чешка), судски преведувач и графички дизајнер.

Моментално работи во Сивус (сегашно Авенга) - ИТ компанија, како и приватно freelance графички дизајн и превод. Исто така е сопственик на релативно новиот бренд „Мама не е сама“.
Родена е во Прилеп, меѓутоа од своја 18-та година живее во Прага - седум години за време на студиите, сѐ до 2019-та година. Од 2019-та година живее во Скопје.

Стојан е професионален кошаркар и македонски репрезентативец, моментално игра за Работнички Скопје.
Има дипломирано Бизнис Менаџмент при Louisiana Tech Универзитетот во Америка.
Роден е во Гостивар и заедно живеат во Скопје.

Парот со својот син Јан беше на одмор во Грција, а сега Сара споделува детали како изгледало тоа.
Сара за CRNOBELO.com искрено споделува како изгледа одморот со мало дете:
„Во 2024 станав мајка – титула што ја носам со гордост, размачкана маскара, ладно кафе и срце што никогаш не било побудно.
Моето срце (и распоред) сега го води едно мало, радосно торнадо по име Јан.

Оттогаш, секој ден е приказна, а секој одмор – авантура достојна за документарец.
Одморите со мало дете на плажа изгледаат идилично на Инстаграм, но реалноста? Далеку побогата.
Патувањето кое требаше да трае четири часа, заврши како шестчасовна експедиција, полна со песни, грицки, застанувања и смеа.

Ова е мојот обид да ја документирам реалноста – вистинската, леплива, песочна, a понекогаш и мирислива.
Ако си родител – ќе се насмееш и сочувствуваш.
Ако не си – ќе се прашаш дали одморот со дете е навистина мит.

А ако си Јан… најверојатно си пак во песокот, без пелена, со рака полна камења.
Добредојде во нашиот мини хаос.

