Сара Ѓуроски за одморот во Грција со мало дете: „Немаше мирни утра со кафе, ниту читање на плажа - пелени насекаде и бегање кон море“
Сцена 1
Понесовме СÈ.
Шарени играчки, гумени животни, базенче, лопатки, кофи… Но, знаете ли што го освои срцето на Јан? Камен. Обичен, сив. Играчките? Прекрасна декорација. Каменот? Најдобар пријател цел одмор.

И тогаш повторно сфатив: децата нè учат дека убавината е во едноставното. Нема сценарија, нема филтри, нема очекувања. Само момент. Само љубопитност. Само живот.
Тој ден не го запаметивме по тоа што го донесовме. Туку по тоа што оставивме зад себе – планови, контрола, агенда…

Сцена 2
Пелени насекаде. Играчки во песок. Шише во лет. Јан - мини ураган со преслатка фризура и Тати – аниматорот, шепотот што го смирува плачот, раката што ја враќа играчката, херојот во сенка со резервно шише и бесконечно трпение. Некои херои носат пелерини. Мојот носеше шорцеви и пластично шише во рака.
Оваа слика не е совршена, ама е вистинска. И еден ден, ќе биде спомен што ќе го раскажуваме со насмевка, уште посилна од мирисот на бебешка пелена на 35°C.

Сцена 3
Дојдовме за плажата.
Останавме во детскиот оддел.
Сонував за лежалка, фрапе, мирис на крема за сонце и книга што ќе ја прочитам до крај. Реалноста? Шарени боички и редење слагалици.
Овде времето тече поинаку. Секундите траат вечно додека некој (читај Јан) се согласи дека навистина подобро е на плажа. Но и тука, во детскиот хаос, се случуваат вистинските моменти. Можеби не изгорев од сонце… ама срцето ми се препече од љубов.

Сцена 4
Облечена, дотерана, самоуверена… „Ова е мојот момент“, си помислив.
Но… мојот син имаше други планови.
Во светот на мајчинството, модниот момент трае точно 0.7 секунди пред да биде прекинат од плач, жед, играчка што исчезнала, или, како во овој случај, израз на лице што вика: „Не сега, мама. Имаме поважни работи.“

И знаете што? Беше во право.
Мојот вистински момент не беше фото-перфект. Беше овој – со него во раце.

Сцена 5
„Мама, сакам да летам.“
И така, со шише во едната рака и играчка во другата, ми објасни дека сака да биде птица. Да лета. Веднаш. Без учење. Без правила. Само – сега и овде.
И како да му објаснам дека телото има граници, а срцето – не?
Како да му кажам дека летот не е секогаш со крилја, туку понекогаш – со имагинација, со љубопитност, со првите чекори, со секое „зошто“?

Можеби не може да лета (уште!), ама секој ден ме подига над сите очекувања.
И секој обид да му објаснам нешто… ми покажува уште колку имам да научам – од него.

