Каде е и што прави денес Трајче Ѓоргиев од „Пинкови ѕвездички“: „И 10 години по шоуто, ме препознаваат на улица“
- Детали
- сабота, 09 август 2025
„Едни од најубавите спомени поврзани со шоуто ми се оние кога по моите настапи, жирито знаеше да застане на нозе со стоечки аплауз. Тоа не се заборава, момент кога срцето ми чукаше силно од возбуда и радост. Гласот, во меѓувреме ми се промени, мутацијата си го направи своето, но мислам дека сега звучам позрело и со повеќе емоција“ - вели Трајче од „Пинкови ѕвездички“ за CRNOBELO.com.

Кога пред 10 години Трајче Ѓоргиев првпат застана на сцената на шоуто „Пинкови ѕвездички“ и ја запеа песната „Ostala si uvijek ista“, Македонија доби нов миленик.
Од недела во недела, сите го чекаа шоуто и навиваа за нашиот Трајче, кој во тоа време штотуку влегуваше во тинејџерските години.

Денес, тој има 24 години и понатаму живее во родната Струмица, а со музика, иако помалку, не престанал да се занимава, па најавува и 2 нови авторски песни.

За времето поминато во шоуто, но и за тоа каде е денес, Трајче ни раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
„Верувале или не, поминаа веќе 10 години откако првпат застанав на големата сцена на ‘Пинкови ѕвездички’.
Времето лета, но сеќавањата се и понатаму толку живи, што понекогаш ми се чини како вчера да пеев пред таа публика.
Секогаш кога ќе налетам на некое видео од тоа време или кога ќе се сретнам со некој од членовите на жирито, во мене се буди една топла носталгија.
Тоа беше период полн со адреналин, возбуда, но и многу учење. Со дел од учесниците сè уште сум во контакт, а со некои многу често се среќаваме и се дружиме.

Едни од најубавите спомени поврзани со шоуто ми се оние моменти кога по моите настапи, жирито знаеше да застане на нозе и да ми подари стоечки аплауз.
Тоа беше нешто што не се заборава, момент кога срцето ми чукаше толку силно од возбуда и радост.
Чувството дека ја допрев публиката со песна е нешто што и денес ме потсетува зошто ја сакам музиката.

Денес, иако годините поминаа, ‘Ѕвездичките’ сè уште ме следат.
На семејни прослави или дружби со пријатели, неизбежно доаѓа моментот кога некој ќе рече: ‘Ајде, Трајче, запеј нешто’.
Гласот, се разбира, ми се промени. Мутацијата си го направи своето, но мислам дека сега звучам позрело и со повеќе емоција.

