Кирил Колемишевски по 4 години во Канада: „Живеам во предградие на Торонто, животот тука не е ниту лесен, ниту едноставен“
Во Македонија е моето минато, какво-такво, тука се моите родители, брат ми со неговото семејство, пријателите и сите спомени што нè поврзуваат.
Понекогаш ми е тешко што не можам целосно да бидам и овде и таму, но научив дека вистинското решение е во тоа да се ценат моментите, часовите, минутите, насмевките, муабетот и искрената желба сите да се среќни, здрави, живи и да им биде убаво.
И затоа денес повеќе не се ни прашувам каде ми е „дома“.
„Дома“ е кога појадувам со ќерка ми или кога се „бориме“ со син ми. „Дома“ е со моите браќа во Канада, доселени од сите страни на светот. Дома“ е кога ќе уловам голем лосос во некој индијански резерват.
„Дома“ е во рацете на мајка ми кога ќе ме гушнат и што сè уште готват со иста љубов, иако се уморни. „Дома“ е во тивкиот поглед на стариот и животните лекции кои ми ги дели во секоја можна прилика.

„Дома“ е во гласното смеење со брат ми и играњето и гушкањето со неговите деца. „Дома“ е и со пријателите што останале покрај мене, и во оние што случајно се појавија, а станаа важни.
„Дома“ не е адреса напишана на лична карта или пасош. „Дома“ не е број на стан, улица или град. „Дома“ е таму каде што те чекаат оние кои те сакаат, без кои не можеш и каде што се чувствуваш свој. Сè друго се само ѕидови и врати со премногу брави.
Времето безмилосно брза и ништо не останува исто, но едно знам со сигурност. Љубовта и душата што ја даваме и добиваме, миговите што ги делиме, и спомените кои ги создаваме се единственото што останува засекогаш и ќе остане во наследство за следната генерација. Сè друго минува.
А јас сум среќен човек што имам и на кого да се вратам и за кого да живеам, и овде и таму, без разлика колку далеку патот ме носи.
За сите што ме прашавте, ете, така сум.
А оние што не ме прашавте, знајте дека и кога сум далеку, моето срце е секогаш со вас“.

С. С. | Црнобело