Кирил Колемишевски по 4 години во Канада: „Живеам во предградие на Торонто, животот тука не е ниту лесен, ниту едноставен“
- Детали
- четврток, 11 септември 2025
„Денес повеќе не се ни прашувам каде ми е „дома“. „Дома“ е кога појадувам со ќерка ми или кога се „бориме“ со син ми. „Дома“ е со моите браќа во Канада, доселени од сите страни на светот. „Дома“ е во рацете на мајка ми кога ќе ме гушнат и што сè уште готват со иста љубов, иако се уморни...“, емотивно споделува Кирил Колемишевски, некогашниот член на Нокаут.

Кирил Колемишевски, некогашниот член на Нокаут, веќе 4 години живее во Канада и се занимава со бизнисот на недвижнини.
Тој е на релација Канада - Македонија и емотивно ги доловува сите тешки, но и убави аспекти на ваквиот начин на живот.
Таму живее со сопругата и двете деца.

Неговата објава, во која ќе се пронајдат многумина, гласи:
„За сите што ме прашавте „Како си?“
Веќе четири години сум далеку од Македонија. Живеам во предградие на Торонто со жена ми, со ќерка ми и со син ми.
Животот таму не е ниту лесен, ниту едноставен, но децата ми се најважни и тие ми даваат сила да терам напред, за да им обезбедам безгрижно детство, добро образование и колку што можам да ги научам на вистинските вредности во животот.
Секоја година по еден месец се враќам овде, во Македонија.
Тука ме чекаат мајка ми, татко ми, брат ми, пријателите и оние „да се видиме на кафе деновиве“.
Ракијата со татко ми секогаш завршува со долг разговор, ручекот на мајка ми има подобар вкус од сите менија по рестораните во Македонија, а смеењето со брат ми ме враќа во детството и времињата кога сè беше полесно и искрено.
Тоа се моменти што емотивно многу ми значат и кои секогаш ги пакувам во убава украсна кутија со свилена машна и ги носам со себе кога повторно ќе загрмат моторите на авионот кој полетува.

Но, како поминуваат годините, гледам дека ништо не останува исто.
Мајка ми и татко ми полека стареат и само јас си знам како ми е кога ги гледам од година на година. Знам дека времето не може да се запре, но токму затоа секој миг со нив ми е уште поскапоцен.
И пријателствата се менуваат. Некои луѓе што некогаш ми беа најблиски сега имаат свои патишта и животи, а контактите се сведени на минимум.
Не ги обвинувам во никој случај, секој си има свој живот, своја мака, свои цели. Безделничење со дијаспората секако не им е во врвот на приоритетите.
Но, истовремено се појавија нови луѓе што никогаш не очекував дека ќе ми бидат блиски, а денес ме почитуваат и ми покажуваат топлина и грижа што одамна не сум ја почувствувал.
Животот понекогаш затвора една врата, а отвора друга, a јас од што морам, учам да ја прифатам таа промена.

Така живеам меѓу два света, на два континенти. Мојата иднина во моментов е во Канада, таму растат Корнелиа и Константин и таму е мојата најголема одговорност. Но, тоа може секој ден да се смени.
Можеби ќе завршам во Шпанија, Белгија, Бразил или пак можеби и во последниот вечен дом во некоја парцела во Бутел, како многу мои пријатели што прерано нè напуштија.