Татко кој се гордееше со синовите, хуманитарец кој двоеше од себе за оние што немаат - Сеќавање на Панчо од ДНК
Оваа песна се најде и на нивниот деби албум „Кажано е сè“, кој го промовираа под капата на „Продукција Република“ во 2010-та година, а на кој се наоѓаат и хитовите „Полна месечина“, „Пази се од мене“, „Спонзоруша“, „Таа тоа го крие“.

Првиот концерт како ДНК со Андреј го одржаа во 2011 година во Метрополис арената, додека на 3 декември 2022 година го имаа последниот голем концерт, по повод 20 години „ДНК“, во преполната арена „Борис Трајковски“.
Последниот сингл „Фала“, со Андреја го издадоа на почетокот на 2025-та година.
Но, во меѓувреме, Владимир активно почна да пушта музика и стана резидент диџеј во најпознатите македонски ноќни клубови, а имаше настапи и во странство.
Публиката која доаѓаше на неговите музички сетови го познаваше како DJ Shorty P.

Тој, пак, ја основа Sure Shotz Entertainment Аgency, преку која во Македонија донесе бројни аренби артисти меѓу кои и Едо Маајка, Connect, DJ Oli Doboli и многу други.
Панчо беше и музички букинг агент за Сергеј Четковиќ и Сара Јо за Македонија, со кои, освен што соработуваше, беше и близок пријател.

Но, Панчо беше пријател и со целата естрада - музичари, актери, спортисти, новинари.

Беше огромен фудбалски фан и секогаш навиваше за Македонија, без оглед во кој спорт и да се натпреваруваше репрезентацијата.

Пред настапот на Македонија на Европското првенство 2020 (кое поради короната се одигра во 2021), со Андреј ја снимија спортската химна „Македонија на Европско“, а чие видео на Јутјуб има скоро 1 милион прегледи.
Во видеото, меѓу другите, се појавија и тогашните фудбалски репрезентативци на земјава.
Во нивна чест, по завршувањето на првенството, Панчо ги истетовира сите нивни имиња на ногата.

Но, најблизок пријател меѓу спортистите му беше екс-кошаркарот Перо Антиќ, со кого славеше роденден на ист датум.
„Родени сме во различна година и често знам да кажам дека ми ја зел висината, односно оние 15 сантима што ми фалат“, изјави во едно интервју, шегувајќи се на сметка на својата височина.

