Последно збогум за Панчо од неговата наставничка во основно: „Замина нашиот Владе, а сите го чекавме да се јави за на кафе“
- Детали
- среда, 15 октомври 2025
„Нека почива во мир, а ние ќе го носиме длабоко во срцата нашиот Владе, убав тој на наставничката, како што милував јас да му кажам“, стои во коментарот на неговата наставничка Благица, откако од О.У. „Љубен Лапе“ се простија од Панчо.

Владимир Блажев Панчо за себе секогаш велеше не дека е аеродромец, туку „горд аеродромец“. Во оваа скопска населба растеше, тука одеше во основно училиште.

Низ годините, заедно со Андреј, знаеше да се врати во школото „Љубен Лапе“ каде што учеше, да одржат концерт за децата, да се вклучат во некоја хуманитарна акција.

Колективот на училиштето Панчо и после многу години го гледаше како свое дете, па потресени од веста за неговата смрт, преку Фејсбук му кажаа последно збогум на својот некогашен ученик.

„Како колектив изразуваме длабоко жалење за веста која со неверување ја примивме денес - нашиот поранешен ученик Владимир Блажев - Панчо од дуото ДНК почина, скоро седум месеци по трагедијата во Кочани, каде што се здоби со сериозни изгореници и повреди.

Овој пост му го посветуваме нему, а преку него, освен длабоко жалење, сакаме да ја изразиме и нашата благодарност и чест што ги познававме и што имавме чест да соработуваме со членовите на бендот ДНК - прекрасни хумани луѓе кои секогаш несебично учествуваа во сé што значеше да се помогне некому, а за нив секогаш приоритет беа децата.
Вечна им слава“ - пишува во објавата на Фејсбук.

Во коментарите на објавата, од Панчо се прости и една од неговите поранешни наставнички, Благица Андреевска, која му се обраќа со Владе, како што го викале во училишните денови:
„Замина Владе, мојот драг ученик, а сите заедно, неговите другари и јас неговата наставничка, го чекавме, чекавме да се јави и како по обичај да каже ајде сите одиме на кафе, но, Владе наш замина во вечноста.
Нека почива во мир, а ние ќе го носиме длабоко во срцата нашиот Владе, убав тој на наставничката, како што милував јас да му кажам. Нека почива во мир, Бог да го прости“.

За потсетување, Панчо почина вчера на 46 години, седум месеци откако со тешки повреди и изгореници од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани беше на болничко лекување.

Прочитајте и Татко кој се гордееше со синовите, хуманитарец кој двоеше од себе за оние што немаат - Сеќавање на Панчо од ДНК
А. Ј. | Црнобело