Милчо Манчевски за средбата со кралот Чарлс: „Ми побара да го види ‘Пред дождот’, многу е трпелив“
- Детали
- четврток, 23 октомври 2025
„Приемот во Лондон беше во првата и најстара кралска палата Сент Џејмс. Потоа се прошетавме да го видиме тронот, а долгогодишен вработен со гордост ни раскажуваше за последните денови на кралицата, која ја служел 21 година“ - вели Милчо Манчевски за CRNOBELO.com, откако се сретна со британскиот крал.

Режисерот Милчо Манчевски вчера (22.10) се сретна со британскиот крал Чарлс во Лондон.
Тој беше еден од неколкуте уметници од земјава и регионот кои имаа средба со монархот, а меѓу останатите беа и Влатко Стефановски, претставници на „Пасворд продукција“ и други.

За CRNOBELO.com, Манчевски вели дека разговарал кратко со кралот, дека го видел неговиот престол, а за Чарлс добил впечаток дека е трпелив и фокусиран човек.
„Средбата со кралот беше на нивна покана, а по повод Берлинските процеси за евро-интеграција на Западен Балкан. Годинава домаќин е Велика Британија.
Кралот сакал да се сретне и да им оддаде почит на уметници.
Приемот беше во првата и најстара кралска палата Сент Џејмс (затоа што делови на Бакингемската палата се реновираат), а тука од балконот се објавуваат важни настани (раѓања, умирачки итн).

Зборувавме кратко за тоа дека почетокот на мојата кариера е поврзан токму со Бритиш Скрин, затоа што тие први го поддржаа ‘Пред дождот’ и најупорно го финансираа (дури и кога Македонија се повлече од проектот).
Кралот побара да го види филмот, па ќе му го пратам преку неговиот личен асистент. Ми кажа дека тие се спонзори на Бритиш филм институт, јас го потсетив дека тие го наследија Бритиш скрин.
Кралот е многу фокусиран и трпелив. Се прошетавме во другата соба да го видиме тронот, а еден долгогодишен вработен со гордост ни раскажуваше за последните денови на кралицата, која ја служел 21 година“, ни раскажа Манчевски.

Прочитајте и Бев на снимањето на новиот филм на Милчо Манчевски - Како си поминав зад сцената?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело