Јован Јованов за музичките почетоци: „Со Магија одевме на часови по танцување, Врчак го запознав на лизгалиште“
- Детали
- среда, 29 октомври 2025
„Отсекогаш сум сакал да имам група, не да настапувам сам. Сите мои другари правеа бендови, рок-бендови, народни бендови што се спремаа за свадби, за фестивали. Ама јас нејќев таков бенд, сакав како Backstreet Boys, машки и да играме. ‘Во кој филм живееш?’, ми викаа, па ми требаше една година да најдам истомисленици“, се сеќава Јован на почетоците.

Пејачот, композитор и музички продуцент Јован Јованов, повеќе од еден месец е во Македонија, каде што работеше на последното издание на „Макфест“, чиј музички директор е веќе неколку години.
Откако заврши фестивалот, Јован се подготвува да се врати во Канада, каде што живее една деценија.
Но, пред заминувањето, тој гостуваше во подкастот на Стефан Лазаров, каде што, зборуваше за љубовта, разводот, ќерка му, а кај многу гледачи создаде носталгија, раскажувајќи за почетоците на својата музичка кариера, времето со „Магија“, запознавањето со Врчак, Тоше Проески, за соработките со нашата естрада и едни други времиња, во кои музиката се живееше и слушаше поинаку.

Лазаров музичкиот дел од разговорот го почна со прашањето за неговата прва песна, испеана на „Тин фест“ во Прилеп, кога Јован имал само 14 години, а која се вика „Фрли ја цигарата“.
„На почетокот немавме техника, компјутери, земаш лист, пенкало и си музицираш малце на гитара, малце на клавир, а другарите од школо не ме сфаќаа, си викаа ‘Што прави свои песни’, а тогаш имав 10-12 години.
Песната беше за девојка, најверојатно сум имал некоја симпатија која пушела, па ме инспирирала за текстот“, вели тој низ смеа.

Вели и дека многу луѓе не знаат дека тој пеел на Макфест една година пред да се појави на фестивалот со групата „Магија“ и да победи:
„Да настапиш таму беше престиж, фестивалот беше многу голем. Да пееш таму денес, утре по улица сите те знаат.
На мои 15 години, кога се запишав во средно музичко, направив песна „Знак ти давам“, и наивно ја пријавив. И ја примија.
Се сеќавам на реакцијата на директорот Стојан Троицки кога ме виде, зашто тоа беше 1997-ма, немаше интернет, немаше ништо и ти не знаеш како изгледа пејачот.
‘Леле па ти си дете, како ќе пееш?’, се исплаши, а јас имав бејби фејс тогаш. Завршив претпоследен, од 18 јас бев 17-ти.
И седнав, ги гледав првите три да видам што направиле, за следната година јас да сум најдобар. Инаку таа година победи Ристо Самарџиев, ‘Нокаут’ беа втори со ‘Фатална опсесија’.

