Рашид (24) од Велес ја запроси саканата во Позитано: „Се плашев да не ме прашаат за прстенот на аеродром и да го уништат моментот“
- Детали
- петок, 31 октомври 2025
„Замолив девојка да нè слика ѝ го дадов телефонот, но го вклучив видеото. Го извадив прстенот, клекнав ѝ ја прашав „Дали сакаш да бидеш со мене до крајот на животот?“ Кога ме погледна, очите ѝ се насолзија, насмевката ѝ беше огромна и со возбуда рече 'Да',“ раскажа Рашид за романтичното запросување во Италија.

Рашид Хусин (24) од Велес и неговата девојка Инџи Адилоска (26) од Виница се свршија во Италија, на едно од нивните последни заеднички пативања.
Рашид, кој работи како тим лидер по логистика, романтичното запросување за Инџи, која работи како маркетинг менаџер, го планирал повеќе од еден месец, а прстенот со кој ја запросил е направен по порачка и изработен во Турција.
За запросувањето во Позитано, Италија, тој раскажа за CRNOBELO.com:
„Со мојата девојка сме заедно речиси четири години, на 29 ноември ќе ја прославиме нашата четврта годишница како пар.
И токму затоа сакав ова запросување да биде нешто што ќе го паметиме засекогаш.
Самото запросување го планирав повеќе од еден и пол месец. Сакав сè да биде совршено - местото, времето, атмосферата, дури и најмалиот детаљ.

Прстенот беше специјално изработен во Турција.
Една недела се црташе дизајнот, две недели се изработуваше. Сè беше направено со многу љубов и внимание.
Патувањето пред запросувањето почна од Скопје - летавме за Рим, каде што цел ден шетавме, но јас бев под голем стрес.
Се плашев да не ме прашаат нешто на аеродром за прстенот. Го носев со сите документи и сертификати, но не сакав Инџи ништо да дознае предвреме.

Следното утро тргнавме за Салерно, таму појадувавме и со брод заминавме кон Позитано.
Искрено, во тие моменти главата ми беше полна со мисли - кога, каде и како да го направам тоа.
Кога пристигнавме, ѝ предложив да се качиме повисоко, зашто од таму има најубав поглед кон морето.
Баш таму го имав замислено запросувањето.

Имаше мајка и ќерка кои се сликаа, па ги почекавме. Потоа ја замолив девојката да нè слика нас, ѝ го дадов телефонот, но тајно го вклучив видеото.
Во тој момент го извадив прстенот, клекнав ѝ ја прашав: „Дали сакаш да бидеш со мене до крајот на животот?“
Кога ме погледна, веднаш сфати што се случува. Очите ѝ се насолзија, насмевката ѝ беше огромна и со возбуда рече „Да“.
Сите околу нас почнаа да аплаудираат и да ни честитаат, момент што никогаш нема да го заборавиме.

Потоа, возбудени почнавме да им се јавуваме на нашите најблиски за да им ја споделиме веста, но батериите ни се испразнија.
Сфативме дека сме заборавиле сè друго - освен љубовта и моментот.
На крај најдовме еден прекрасен ресторан со поглед кон морето, ги оставивме телефоните да се полнат и седнавме да наздравиме со по една чаша Aperol, нивниот најпознат пијалак.
Во тој миг времето застана - само ние двајца, погледот и чувството дека тоа е нашето засекогаш“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело