Катарина Ивановска за светската кариера: „Не знаев ни да одам на штикли, на 17 години заминав сама во Њујорк“
Вели дека никогаш не било лесно, и додека сите мислеле дека се забавува низ Њујорк, таа живеела по аеродроми и авиони, патувала низ цел свет за работни ангажмани, а понекогаш и по 2 дена не излегувала на воздух.
„Мене 10 години во Њујорк ми беа од 7 до 3 работа. Јас кога доаѓав во Скопје се журкав.
Затоа што морав да си легнам рано, ако заглавам до 4 сабајле, утре на кастинг како да се појавам во 8 со подочњаци, каде што ние треба да сме со измиено лице, без шминка, да сме свежи, наспани, а не потечени и развалени.
Јас таму само на прибрани вечери излегував“.

Признава дека ѝ било опуштено во индустријата, затоа што никогаш не се плашела и потресувала од никого, затоа што не била ниту заинтересирана за некои големи имиња од индустријата, но и тоа за неа било секојдневие.
„Сум била во иста просторија со Донатела Версаче и Ана Винтур, бидејќи сите дизајнери пред ревија имаат излагање пред Ана Винтур, за таа да ја одобри колекцијата.
Ја имав таа прилика за Versace, само две манекенки во мала просторија ги покажувавме моделите.
Винтур се однесува исто како што ја гледате на телевизија, видеа или слики, како замрзната кралица. Не комуницира, затворена е со облека до врат, носи очила за сонце и не прозборува ништо 45 минути“.
Во еден период, во индустријата ја воделе како „дебела“, но на оваа тема таа вели:
„Кога кажував дека сум дебела, секогаш сум морала да објаснувам. Јас не сум дебела за обичниот свет, никогаш не сум била дебела за нормалниот живот, туку за индустријата.
Се појавив во лош период кога бираа многу слаби, плави, бледи, но сепак си го најдов местото“.

Кога станува збор за професионалноста, вели дека манекенките немаат право да кажат дали им се допаѓа како изгледаат на ревија или фотосесија, туку дека се како платна, па затоа се нервира кога денешните девојчиња сакаат да се манекенки со големи усни и гради.
Открива дека имало и ревии на кои дури и веѓите ѝ биле направени со бланш, а потоа за друга ревија ѝ ги префарбувале, но и дека за ревиите на Dior и John Galliano, секогаш девојките носат корсети коишто многу ги стегаат и се облекуваат 30 минути пред ревија.

„Едноставно мора да издржиш, и на високи потпетици, и со тие големи и тешки материјали, да си внимателен да не оштетиш, едвај дишеш, но секогаш во овие креации сум се чувствувала посебно“.

Во текот на целата кариера, вели дела немала непријатни ситуации, ниту кавги со некого од индустријата, не се изгладнувала како некои манекенки кои јаделе само мраз или едно залче лосос цел ден, иако многупати било тешко и за неа.
Освен соработката со Victoria’s Secret кога сликаше за нивниот каталог, открива дека имала неколкупати обид да влезе и во нивното шоу:
„Секогаш кога ќе ни кажеа дека сме повикани за кастинг, неколку месеци внимаваме што јадеме, вежбаме, ни наметнуваат што да правиме, сум била 3-4 пати на кастинг за ревија, за жал никогаш не ме одбрале. Пробуваш нивен долен веш, те гледаат 15 души“.

Во еден период, пред 8 години, одлучила да се врати, затоа што веќе чувствувала дека стагнира и не оди по нагорна линија, а не се кае за одлуката заради тоа што сега ги има прекрасните син и ќерка, Вања и Кира.
Погледнете го целиот подкаст:
М. М. | Црнобело