Романтична фотосесија на Благица и Борчо од Кочани во Венеција: „Се чувствувавме како во филм, минувачите ни аплаудираа“
- Детали
- петок, 14 ноември 2025
„Борчо подготви нешто што никогаш нема да го заборавам – романтично патување и фотосесија во Венеција. За нас тоа беше вистинска бајка. Не знаев ништо однапред, сè беше изненадување до последен момент. Кога пристигнавме во градот на љубовта, ме преплави чувство како да сме дел од некоја филмска сцена“ - вели Благица за CRNOBELO.com.

Благица (29) и Борчо Батевски (32), двајцата од Кочани, се пар кој веќе цели десет години чекори низ животот заедно.
Неодамна тие ја крунисаа нивната љубов со брак, а направија уникатна свадбена фотосесија во Венеција, која била изненадување од Борчо за неговата сакана.
Фотографиите се бајковити, а тие уживаат во спомените кои ќе им траат засекогаш, додека се фотографирале како да се дел од некој филм.

За CRNOBELO.com тие раскажуваат за нивната љубовна приказна, но и за фотосесијата во Италија:
„Нашата приказна почна сосема спонтано, симболично и сосема судбински, нашата врска започна на 14 септември, на роденденот на Благица, ден кој секогаш носеше посебна енергија и радост.
По неколку години љубовна врска, повторно на 14 септември, ја запросив. Тоа беше најромантичниот подарок и момент што засекогаш ќе го паметиме.
Никогаш не ни падна на памет дека токму тој датум, години подоцна, ќе стане уште посебен.

Судбината си поигра на најубав можен начин, создавајќи спој на два најзначајни моменти во нашиот живот во еден ден што ќе го славиме засекогаш.
Подготовките за свадбата беа вистински предизвик – имавме само два месеца да организираме сè.
Но, кога нештото го правиш со љубов, времето не е пречка. Секој детаљ го избравме заедно, со многу внимание и желба денот да биде одраз на нас – топол, емотивен и исполнет со смеа и среќа.
И токму кога мислев дека ништо повеќе не може да ме изненади, Борчо подготви нешто што никогаш нема да го заборавам – романтично патување и фотосесија во Венеција.
За нас тоа беше вистинска бајка. Не знаев ништо однапред, сè беше изненадување до последен момент.
Кога пристигнавме во градот на љубовта, ме преплави чувство како да сме дел од некоја филмска сцена – тесните улички, мирисот на морето, звукот на гондолите, светлината што се одразуваше на водата – сè беше совршено.

Бевме сместени во прекрасен хотел во близина на Венеција, и иако престојот траеше кратко – само четири дена – се чувствувавме како да се таму цела вечност, уживајќи во романтичната атмосфера на градот.
Фотосесијата траеше неколку часа, но времето минуваше незабележливо. Се чувствувавме како да сме само ние двајца во целиот град.
