Виктор од Скопје ја запроси Тамара на Канео – прстенот го криел во фарот од автомобилот (фото)
- Детали
- понеделник, 24 ноември 2025
„Додека се качувавме кон Канео, во еден момент видов мал дел од украсеното и му реков: 'Виктор ајде да се вратиме, овде ќе се случува нешто', мислејќи да не упаднеме во кадар на некој друг… Кога сфатив дека сето тоа е направено за мене и солзите радосници сами почнаа да се слеваат“ - вели за CRNOBELO.com Тамара.

Тамара Атанасовска и Виктор Тодоровски Скопје се заедно три прекрасни години како што велат, а се запознале на свадба каде што Тамара била старосватица.
Три години подоцна, на 16 ноември 2025, Виктор ја побара раката на саканата за вечна љубов.

Запросувањето се случило на Канео во Охрид, со романтична атмосфера, украсено со бели рози, пампаси и бели букви со натпис „Омажи се за мене“.

Тамара за CRNOBELO.com раскажува детали за запросувањето:
„Бидејќи подолго време работев на брод, одамна немав отидено во Охрид и секогаш зборувавме дека првиот слободен момент ќе го искористиме за да прошетаме таму.
Токму тоа му ја дало идејата – местото што одамна не сум го посетила да стане еден незаборавен спомен.
Запросувањето се случи на Канео поради преубавиот поглед кон црквата, езерото и самиот мир што го чувствува човек на тоа свето место.

Целата замисла му била уште од септември – тогаш и го купил прстенот.
Организацијата се одвивала брзо благодарение на нашите кумашини и цвеќара од Охрид. Кумашините биле постојано во контакт со цвеќарата и точно ја доловиле неговата идеја.
Самото запросување беше изненадувачко и многу емотивно.
Додека се качувавме кон Канео, во еден момент видов мал дел од украсеното и му реков: 'Виктор ајде да се вратиме, овде ќе се случува нешто, мислејќи да не упаднеме во кадар на некој друг…'

На тоа тој само ме погледна, ме фати за рака и рече и треба да се случува, па како што се приближуваме сфатив дека сето тоа е направено за мене и солзите радосници сами почнаа да се слеваат.
Кумашините веќе беа таму, скриени зад едно од дрвјата за да го снимат моментот на нашето пристигнување. Ние претходно малку го згрешивме патчето дотаму, па тие нè чекаа возбудени.
Најслаткиот дел беше што не знаев дека и мојата другарка од Охрид ќе присуствува на тој чин, ни таа не знаела.

Јас ѝ кажав да дојде на Канео за да се видиме, а кога стигнав пред изненадувањето – таа веќе беше таму, сосема „случајно“, со професионален апарат во рака.
Партнерот беше опуштен и среќен, без трема, а јас со реакции од кои не знаев дали да застанам или да продолжам напред – се укочив, а солзите радосници не ме одминаа.
Исто така, вреди да се спомене дека прстенот два дена го криел во задниот дел од автомобилот, поточно во фарот, а пред тоа го чувала кумашинката.

Во ниту еден момент не замислив или пак не се посомневав дека баш таму ќе ме запроси, ниту еден негов чекор не ме натера да помислам дека баш тогаш ќе се случи тоа.
Сè беше магично и прекрасно, беспрекорно организирано“.


Погледнете го видеото од украсувањето:
M. M. | Црнобело