Берберот Ерко за борбата на ќеркичката со леукемија: „Беше страшно да се гледа низ што минува во болница - мојата сопруга е херој што го издржа тоа“
- Детали
- вторник, 02 декември 2025
Познатиот бербер од Скопје Ерко раскажува за најтешката битка, а зборовите нема да ве остават без солзи: „Докторката ми извади една книга, обратно свртена и ти вика тука има сè објаснето. На книгата има детенце и пишува - Моето дете има рак. Многу лош момент е тоа. Излегов надвор, почна да врне и да се стемнува, застанав пред болница и бев без компас. Си велам што сега? Азра е херој во приказнава, се откажа од сè од животот за да биде со Дариа и да ѝ биде поддршка. А кога заѕвони на ѕвончето, тогаш ти се менува животот вторпат, овој пат позитивно...“

Во најновата епизода на подкастот Лазаров гостуваше Таско, кој зборуваше за својот живот, предизвици, но и љубовта кон децата.
Освен што работи со музика, тој работи и со столарство, помагајќи му на таткото во семејниот бизнис, затоа што на прво место му е да заработи за своето семејство.
Во вториот дел од емисијата, гостуваше и берберот Ерко, кој зборуваше за една од најемотивните теми, а неговата приказна никого не остави рамнодушен и без солзи во очи.
Тој е секогаш насмеан, ги шиша Стефан, Два Бона и многу други познати Македонци, снима забавни видеа на Инстаграм, но во себе крие голема храброст и животни предизвици.
Ерко има две деца, Дариа (6) и Дарис (10), а неговата ќеркичка пред три години ја победи леукемијата.
Кликнете на видеото:
Во 2022, мајката Азра за CRNOBELO.com го раскажа патешествието кое го поминале со Дариа, а сега неколку години подоцна, таа има 6 години и нејзиниот татко Ерко се отвори на истата тема.
Мајката на малата хероина Дариа која ја победи леукемијата: „9 месеци беа разделени со братчето, откако излеговме од болница не се двои од него“
Во продолжение прочитајте дел од приказната која ја преживеал Ерко од моментот на дознавање на дијагноза, па целиот процес што следел понатаму:
„Дариа оди во школо, почна 1 одделение. После сите борби што ги помина, заедно со нас, со Азра, низ болниците, имаше период кога децата од нејзина возраст беа во градинка, а таа беше во болница, па имаше домашно лекување, па ѝ беше забрането поради паднат имунитет да се меша со други луѓе. Моравме да ја држиме под стаклено ѕвоно.
Дариа е родена 2019-та, здрава, со никаков проблем. На 5 јули 2019 истата година се отвори Mr. Barber, каква година... во 2020 фати корона, во 2021 почнаа нагло да се затвораат дуќани, а Ерко будалата шири дуќан.
Во 2021 ноември месец, почна Дариа да станува анемична. Направивме крвна слика, ни кажаа дека не е во ред, ни дадоа терапија за анемија, ама детето на 2-3 дена има температура, губи енергија, само спие. Почнавме низ болничките ходници, испитувања, почнаа да се сомневаат ама мораа да проверат и те држат во неизвесност.
Си викаш нема мене да ми се случи ова, зошто сега баш јас, може некоја грешка е. Ги задржаа во болница Азра и Дариа и чекавме резултати 2-3 дена, а мене ми траат 6 години тие 2 дена.
Среде работа, на пола шишање ми се јави Азра дека ме бараат докторите. Спуштив телефон и се изгасив, Бојан беше дечкото што го шишав, му кажав друг да го дошиша, влегов во кола, до државна 5-те минути ми се чинеа 5 саати.
Те чекаат докторите, те праќаат на прв кат, прва десна, три докторки, ми велат повели седни си, по сите испитувања, Дариа има акутна леукемија.
Првично зборот ми е нешто хаотично. Си реков добро што е следно. Почна да ми објаснува за блокови на лечење, дека прво треба 90 дена да остане таму со еден родител. Многу е морничав тој момент.
Ти вади една книга, обратно свртена и ти вика тука има сè објаснето. На книгата има детенце и пишува моето дете има рак. Многу лош момент е тоа. Го читаш тоа и се соживуваш со тој момент.
Ја гледаш книгава и си викаш зошто мене... ми рекоа не се плаши, се лечи ама процес е, мора да помине низ сето тоа. Велам што ако не се излечи, па тие објаснуваат за турска болница, коскена срж пресадување, кажуваа најлоши варијанти.
Сфаќаш дека тоа ќе кошта пари и јасно ти е дека мора да работиш за не дај Боже. Потоа ми рекоа - Не ѝ кажавме на сопругата, сакаш ти да и кажеш или ние да ѝ кажеме?
