Снешка од Скопје, мајка на 3 деца: „Се преселив во Германија - се разведов, бев мијачка на садови, а денес го живеам сонот“
- Детали
- вторник, 23 декември 2025
„По 6 месеци во Германија купивме автомобил, по година и пол купивме стан, по 3 години купивме куќа… Но, се разведов и разводот ми донесе астма. Многу научив со разводот. Премногу! Сега, по 6 години во Германија, имам работа што ја обожавам, тон пријатели и дом полн љубов“, вели Снешка Трајковска.

Снешка Трајковска по потекло е од Скопје, а на Фејсбук е позната по нејзиниот профил Огнените Ѕверови на Дамјана, каде често ги споделува искуствата од својот живот.
Снешка и нејзиниот партнер привлекоа внимание откако одлучија да побегнат од вревата во Скопје и да се преселат во селото Петралица, а потоа „со ранците на грб“ да си заминат во Германија, каде живеат неколку години наназад.
Таа вели дека летот кон Германија ѝ бил првото летање со авион во животот.

Таа кога стигнала во Германија, ќерка ѝ имала 8 години, поголемиот 7 години, а помалиот син ѝ бил во стомак, односно отишла бремена.
Снешка, која себеси се нарекува Огнена, вели дека Германија ѝ донела развод и астма од истиот, но и куќа изградена со љубов, совршени пријатели, убава работа и што уште не.
Таа искрено и од срце ја споделува својата приказна со сите подеми и падови:
„19.12.2019 година првпат во животот летав со авион.
Тој авион слета на аеродромот во Дортмунд, Германија. Oттогаш досега, поминати се 6 години.
Денес (19.12.2025) е мојот шести германски роденден.
Среќна сум. Нема еден ден од кога сум дојдена да сум помислила „НЕ ТРЕБАШЕ ДА ДОЈДАМ“. Ниту една таква мисла ми нема пролетано.

Среќна сум тука.
За шест години чуда се случија. И денешниов германски роденден беше шлагот на тортата.
Дојдов тука со едно ранче, едно мало ќерле од осум години, еден мал Оги - синко од скоро седум годинки и бебе Филип Путински во меше.
Почна короната, се роди Филип Путински, седевме дома, учев германски, работев онлајн, пишував домашни со деца на јазик којшто не го знаев, учев германски… Којшто правеше, јас учев германски… Ужасно споро ми одеше. не го користев секој ден и сè заборавав, или барем така мислев.
Но, никогаш не се откажав. Колку повеќе го учев, колку повеќе го слушав, толку повеќе го засакував јазикот.
Најмногу го засакав кога ја слушав другарка ми Мари, Германката, како зборува…

Со Мари се запознав првиот ден кога отидов со бандата во парк. Од тогаш до сега, шест години подоцна, со Мари сме неразделни. заедно славиме роденден, Божиќ, забави…
Мари има прекрасни пријатели коишто едвај чекаат да ме видат и немаа ама баш никаков проблем да комуницираат со мене на англиски. Дека нели ладни Германците?!
По 6 месеци во Германија купивме автомобил, по година и пол купивме стан, по три години купивме куќа…
Создадов еден тон нови пријателства со Германци, Балканци, Македонци… Новото семејство. Каде и да се појавев, нова љубов си наоѓав, како да сум под виножито родена.
Ама не е среќа за секого, особено не за оние коишто не знаат да бидат среќни. Затоа решив дека тие што не знаат да бидат среќни, не треба да бидат дел од мојот живот и се разведов.
Целата тежина што разводот ја донесе, ги донесе и јунаците на мегдан. Од сите мои пријатели, само двајца потфрлија во љубовта.
Нормално, тоа се двајцата за коишто се имав најмногу распослано како чергиче. По сите правила и прописи истераа предавство.
Реално, не ни забележав дека ги нема, додека траеше бурата.
Штитот на пријатели коишто ме чуваа беше посилен, никогаш да не забележам дека слабите алки попуштиле.

