Снешка од Скопје, мајка на 3 деца: „Се преселив во Германија - се разведов, бев мијачка на садови, а денес го живеам сонот“

Овој развод… за мене најдобар доказ дека имам тврдина наречена теткич и внуката.

Тетка натурализирана битолчанка, ги имам најубавите букви во срце истетовирано, најмеденото ѕвере да ме чува, си имаме едно сине на мајка, ги имам теткините, ги имам дизелдорфките, највисоките планини за пријатели, најдобрите мајки ауслендерки, најдобрите помошници за гипс, најдобриот мајстор за струја и жена му електричната, најдоброто лево раче што ми ги пополни сите документи, најдобрите соседи Германци и Хрвати, најдобриот Балкан до мене и најдобрите Германци коишто ми даваа љубов и поддршка и помош и кога не знаев да ја побарам.

Не прашуваа, само се појавуваа. не ми ни даваа опција да кажам: Не, не, фала не треба…

Не ги интересираше. важно им беше да не сум сама ни една секунда. И не бев!

Многу научив со разводов. Премногу!

Научив да кажам: „Ми треба помош, можеш да дојдеш да средиме ова?“

Порано не знаев… Страдав од „СЀ МОЖАМ САМА“, за да не пречам.

sneshka-od-skopje-majka-na-3-deca-se-preseliv-vo-germanija-se-razvedov-bev-mijachka-na-sadovi-a-denes-go-zhiveam-sonot-12.jpg

Додека не сфатив дека сите околу мене се среќни кога ми помагаат, како што сум јас среќна кога помагам.

На почетокот се вработив во хотел како мијачка на садови. Да повториме, мијачка на садови!

Иако сум родена и растена на Водно, мене дома убаво ме воспитаа дека од чесна работа срам нема.

Немав баш голем избор за работа, бидејќи можностите за моето работно време беа според градинката на Филип Путински. 

Во хотелот го прилагодија работното време според мене. Газдата многу ме засака, па за неполн месец ме префрлија во хотелот да работам. 

За два месеци менаџерката, којашто е Германка, ми понуди да бидам маркетинг менаџер на хотелот… Дека ладни Германците.

И да се разбереме, со менџерката комуницирав на англиски. Германскиот мој тогаш го прогласуваше короната за умрен. Дека ладни Германците …

Ви реков дека газдата многу ме засака е пуштено на најјако.

Ја реновирав куќата. Голем дел работев сама, но имав и помош.

sneshka-od-skopje-majka-na-3-deca-se-preseliv-vo-germanija-se-razvedov-bev-mijachka-na-sadovi-a-denes-go-zhiveam-sonot-08.jpg

На цела среќа имам НАЈПРЕКРАСНИ пријатели кои ми помагаа кога нешто не можев сама.

Мојата куќа има темели од љубов и ѕидови полни среќа.

Да не се разведев, мојата куќа ќе имаше нервози за темели што тресат сè како земјотрес цело време и ѕидови што ќе се дереа со ехо.

Не, фала. Сега е помирно.

Положив Б1 германски јазик со високи оцени. Учителка Кате е заслужна за тоа.

Воопшто не очекував. Мислев едвај ќе поминам, колку да не одам на полагање во август.

Деновиве треба да појдам и да ја подигнам дозволата за неограничен престој, а потоа да поднесам документи за германски пасош.

Годинава во февруари почнав со нова работа во фирма каде што сите се Руси, само јас Македонка и една колешка Германка. Сите од прв до последен мевлеми за душа, да ти помогнат, да те научат, да те поддржат. 

Никој за никого лош збор не кажува, сопки нема, доаѓаш на работа, те пречекуваат со насмевка.

Со едниот менаџер, сеирот ни е главен, како брат и сестра од прв ден, како заедно растени, џигерот си го јадеме, секоја средба е натпревар кој кого повеќе ќе закача. Кога сме заедно, сите молчат, знаат време е за нашиот театар комедија.

sneshka-od-skopje-majka-na-3-deca-se-preseliv-vo-germanija-se-razvedov-bev-mijachka-na-sadovi-a-denes-go-zhiveam-sonot-10.jpg

По еден месец во фирма ми пријде менаџерката, ѕверка, лавица, медоина од човек.

- Огнена, сакаш ли да учиш?

- Сакам – не ни знаев што сè нуди, ама штом се учи, тука сум.

- На школо сакаш да одиш? Шест месеци трае, трошоците ние ќе ги покриеме... Па, што повеќе човек да посака?!?

Инаку, тоа мое училиште чини 3.000 - 4.000 евра и по него автоматски ќе имам диплома и поголема плата.

Инаку, на новото работно место почетна плата имав скоро двојно повисока од таа во хотелот, службено возило, картичка за гориво и мобилен телефон. Ме прашаа дали ми треба лап топ, им реков „Не, ќе ви кажам кога ќе ми треба“.

Сакам да кажам, сè подмирено од сам почеток.

Бидејќи со германскиов „пичвајз правам“, почнав сега руски да учам. Со многу мерак го учам и од почит кон колегите. Моите Руси.

Едвај чекам да ги видам, да им кажам „Привјет, всјо харашо“?

sneshka-od-skopje-majka-na-3-deca-se-preseliv-vo-germanija-se-razvedov-bev-mijachka-na-sadovi-a-denes-go-zhiveam-sonot-03.jpg

Продолжува на следната страница...


Би можело да ве интересира:

Ева Нединковска со фотки од свршувачката: „Пред него, мислев дека е сила да успеваме јас и ќерката с... „11.4.2026, сабота пред Велигден. Наш ден, веридба. Ден за ветување, посветување...
Таско (29) за борбата со алкохолот: „Чист сум 8 месеци, си признав дека имам проблем и ги фрлив шиши... „Пиев 15 години. Секој втор ден, алкохолот ми беше сè - утеха, бегство, изговор....
„Лавина мина над мене, бегав од мечка“ - Ирина Камилоска за најопасните моменти од планинарењето Ирина Камилоска, која често знае да каже дека ѝ недостига искачувањето планински...
Дарио Ивановски: „На 18 години победив на трка во Кичево и освоив бик - го продадов за да си купам а... „Ме седнува менаџерот и вели: 'Во Кичево имаат традиција старите селани, се...
Виктор Апостоловски присуствувал на породувањето на сопругата: „Не знам дали маж може да издржи нешт... „Иако сите од еден до последен ми велеа ‘Немој да присуствуваш, немој, некои раб...
Сара Ѓуроски за одморот во Грција со мало дете: „Немаше мирни утра со кафе, ниту читање на плажа - п... „Мојот распоред сега го води едно мало, радосно торнадо по име Јан, а секој одмо...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg