Германец, што живее во Македонија, го покажува родниот град: „Улиците мирисаат на шампон“
Во една пригода во интервју за CRNOBELO.com Финн откри:
„Првпат дојдов во Македонија во јуни 2022 година и начинот на кој тоа се случи беше чиста случајност.
Дотогаш не знаев многу за Македонија, односно знаев за земјата само затоа што претходната година ја победи Германија во фудбал со 2:1 и слушнав за Горан Пандев, така што моето знаење за Македонија беше прилично фудбалско.
Тогаш живеев во Хамбург во северниот дел на Германија и сакав да направам кратко викенд патување со еден мој добар пријател. И двајцата немавме премногу пари тогаш, така што ги пребарувавме најевтините летови достапни од Хамбург, а потоа го најдовме летот на Wizzair за Скопје.
Ги проверивме сликите на Google Maps и ги видовме статуите на главниот плоштад, парламентот, Водно и слично и навистина ни се допадна, па се одлучивме за таа дестинација и одлетавме за Македонија.
Кога стигнавме, веднаш ми се допадна тука и се заљубив во земјата, архитектурата, природата и луѓето.
Вторпат дојдов во јули на неколку дена, а веќе на крајот на август решив да се откажам од мојот живот во Германија и да се преселам овде, така што одлучувањето беше прилично брзо, би рекол.
Кога зборуваме зошто Македонија...? За мене Македонија е најубавата земја во која сум бил и има совршена комбинација од сè“.
С. С. | Црнобело / фото: depositphotos.com