Позитива на денот! Скопската клиника за психијатрија вдоми лабрадор: „Им носи чувство на смиреност на пациентите“

„Активностите на Роџер почнуваат во 8 часот наутро во дневната болница, неколкупати дневно има долги прошетки со вработените или со пациентите - доброволци. Лабрадорите брзо учат, лесно следат команди и прифаќаат допири, галење и близина без да покажат вознемиреност“, велат од Клиниката.

pozitiva-na-denot-skopskata-klinika-za-psihijatrija-vdomi-labrador-im-nosi-chuvstvo-na-smirenost-na-pacientite-01.jpg

Некои позитивни приказни ги топат срцата. А таква е и оваа за лабрадорот Роџер, кој стана дел од тимот на Универзитетска клиника за психијатрија од Скопје и кој почнува активно да се вклучува во работата со пациентите, зашто, им создава чувство на топлина, смиреност, емоционална поддршка.

Универзитетска клиника за психијатрија со овој потег ја воодушеви јавноста. Роџер од неодамна е дел од тимот, а си има и своја куќарка во дворот на клиниката.

pozitiva-na-denot-skopskata-klinika-za-psihijatrija-vdomi-labrador-im-nosi-chuvstvo-na-smirenost-na-pacientite-03.jpg

Оттаму објавија видео на Фејсбук, на кое пишува дека и персоналот и пациентите го обожаваат.

„Ова е Роџер, најновиот член од нашиот тим на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија.

Станува збор за 2,5 годишен ‘чоколаден’ лабрадор кој го вдомивме неодамна и кој за исклучително кратко време се прилагоди на персоналот и на пациентите – нашиот четириножен ‘колега’ е обожаван едноставно од сите!

pozitiva-na-denot-skopskata-klinika-za-psihijatrija-vdomi-labrador-im-nosi-chuvstvo-na-smirenost-na-pacientite-04.jpg

Причините за вдомувањето на Роџер, според директорката на клиниката, проф. д-р Славица Арсова е имплементацијата на Animal Assisted Activities (активности поддржани од животни) - структурирани, но неформализирани активности во кои учествуваат одбрани животни (најчесто кучиња) со цел да обезбедат емоционална поддршка, чувство на смиреност, социјална интеракција и подобрување на општата психосоцијална благосостојба на пациентите.

„Присуството на куче во терапискиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата. Активностите на Роџер на клиниката вклучуваат средби со пациенти, индивидуално или во рамки на групи, секогаш под придружба и надзор на лица од нашиот стручен тим и се разбира, со согласност од пациентите. Со овој потег, сакаме да го поттикнеме и вдомувањето кучиња, како хуман и одговорен начин да им се даде втора шанса на напуштените животни и да се намали бројот на бездомни животни“, вели проф. д-р Арсова.

pozitiva-na-denot-skopskata-klinika-za-psihijatrija-vdomi-labrador-im-nosi-chuvstvo-na-smirenost-na-pacientite-09.jpg

За Роџер е обезбеден бокс и куќичка пред влезот на клиниката, тој е под редовна ветеринарна контрола, има уреден здравствен и вакцинален статус и за него се грижат членовите на персоналот, а под надзор и мониторинг постепено се вклучуваат и пациентите, со нивна согласност.

Активностите на Роџер започнуваат во 8 часот наутро во дневната болница, тој нема контакт во деловите од установата каде што има храна или лекови, a неколку пати дневно има долги прошетки со вработените или со пациентите - доброволци од дневната болница.

Лабрадорот е една од најчесто користените раси при активностите поддржани од животни, бидејќи неговите природни карактеристики совршено одговараат на барањата на тераписката средина.

pozitiva-na-denot-skopskata-klinika-za-psihijatrija-vdomi-labrador-im-nosi-chuvstvo-na-smirenost-na-pacientite-06.jpg

„Лабрадорите се познати по својата смиреност, трпеливост и предвидливо однесување и имаат висока емпатија и социјална интелигенција. Оваа раса интуитивно реагира на човечки емоции, односно препознава тага, страв или анксиозност и природно нуди утеха преку контакт и присуство, без наметнување“, додава директорката на Клиниката за психијатрија.

Дополнително, лабрадорите брзо учат, лесно следат команди и имаат исклучително висока толеранција на физички контакт - прифаќаат допири, галење и близина без да покажат вознемиреност.

Сите овие карактеристики ги има и нашиот Роџер, кој ни донесе многу позитивна енергија на клиниката!“ - стои во објавата на Фејсбук.

pozitiva-na-denot-skopskata-klinika-za-psihijatrija-vdomi-labrador-im-nosi-chuvstvo-na-smirenost-na-pacientite-08.jpg

Погледнете го видеото:

А. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Христијан од Куманово: „Ја однесов ќерка ми во ретро станот на прадедо ѝ, со милјеа и винтиџ работи,... „Малата Веда е на гости кај прадедо. Годината е 1979, Југославија (чувствуваме т...
Позитива на денот! Македонка ги наслика Андреј, Тоше и Панчо: „Тие не се дел од минатото - тие се ве... „Оваа слика е мој начин да ви се поклонам. Не со зборови, туку со молитва во бој...
Љупка Митрова изнајми авион што носи натпис за роденденот на ќерката: „Долго баравме пилот, татко ми... „Авионот го изнајмивме од Штип, баравме пилот, траеше тоа. Пред еден месец ја пр...
Јасна од Скопје со позитива на денот: „На најомразениот семафор што душа ми вади, добив порака што м... „Тргам од парк кон Водно, со планиран стрес поради лошо регулираните семафори, н...
Уште една хероина заѕвони на Детската клиника во Скопје облечена како принцеза – малата Амина ја поб... Облечена како Елса, во син фустан, со перика со плетенка, круна на главата и маг...
Миа Костова за родителите: „Се разведоа кога се породив, мајка ми се пресели во Охрид - сега сум поб... „Бев многу блиска со мајка ми до пред извесно време, сега сме во океј односи, ко...

Најчитани неделава